Советниците на Град Скопје договорија да продолжи дијалогот со ЗЕЛС за нормализирање на состојбите

Советниците во Град Скопје, на денешната вонредна седница, со 29 гласа „за“, ниту еден против и еден воздржани, го усвоија заклучокот за поддршка на Владата за помош со нафта за ЈСП „Скопје“ да може редовно и нормално да функционира и да ја обавува дејноста за кое е основано претпријатието, и тоа да продолжи и во иднина.

Во заклучокот, за кој на седницата беше постигнат консензус од координаторите на советничките групи, се предложи и заедно со Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) да продолжат разговорите со Град Скопје и јавните претпријатија за нормализирање на состојбите.

Пред да се изгласа заклучокот, советниците ги изнесоа своите ставови околу денешната владина одлука за позајмица на нафта од државните резерви на ЈСП, при што имаше политички фалби и обвинувања.

На почетокот на седницата, градоначалничката Данела Арсовска упати пофални зборови за денешната одлука на Владата и рече дека успеале во разговор со премиерот Христијан Мицкоски да ја добијат потребната количина на гориво што ќе биде доволно за претпријатието додека не се склучи новиот договор за набавка на нафта за ЈСП.

„Во врска со сите прашања и предлози на советниците застапени во Град Скопје на 15-тата вонредна седница на Советот бара и предлага заедно и во координација со ЗЕЛС да продолжат разговорите на Град Скопје и јавните претпријатија за нормализирање на состојбите во Град Скопје“, порача Трајко Славевски.