Советниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе бараат на вонредна седница да се зголеми цената за километар за приватните превозници

Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Мартин Стојановски, вечерва по завршување на средбата со приватните превозници информираше дека е даден предлог да се зголеми цената по километар од 70 на 100 денари, од први декември до мај следната година. Тој побара што побрзо да се свика вонредна седница на Град Скопје, на која овој предлог ќе биде ставен како точка на дневен ред.

Претставници на приватните превозници изјавија дека се задоволни од предлогот и нема да направат блокада на Скопје во понеделник, како што најавија, но дека утре нема да возат.

„Ќе иницираме вонредна седница со единствена точка да ги прифатиме условите на приватните превозници за покачување на цената за километар, заклучно со месец мај 2025 година. Срга цената е 69 до 70 денари за изминат километар, а наш предлог е да биде 100 денари од километар“, изјави Стојановски, кој додаде дека ваквото зголемување нема да значи и зголемување на цената на билетот за граѓаните.

„Повикувам на разум кај сите колеги советници и на градоначалничката, да им се исплати долгот на приватните превозници, затоа што пред малку бев информиран дека на некои од приватните превозници не им е исплатен долгот од мај, а на некои од јуни месец“, рече Стојановски.

Претставникот на приватните превозници Јовица Зафировски по средбата изјави дека се откажуваат од блокадите што ги најавуваа за понеделник, посочувајќи дека е одличен предлогот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

На новинарско прашање дали утре ќе возат, тој одговори дека најверојатно нема, но се надева оти од понеделник повторно ќе бидат на скопските улици.