Советот на Општина Битола даде согласност за формирање паралелки со помал број ученици

Советот на Општина Битола донесе одлука со која се овозможува средните и основните училишта во градот чиј основач е локалната самоуправа да формираат паралелки со помал број ученици.

Со одлуката на општинските советници се создадени услови за рационално користење на наставниот кадар и поефикасно изведување на наставниот процес во паралелките на скоро сите средни и основни училишта, вклучувајќи ги и подрачните училишта во Битола.

Според прегледот на училишни паралелки, во новата учебна година ќе има паралелки и со по седум ученици, а бројките варираат зависно од извршениот упис од претходна во наредна учебна година, но нити една паралелка во градот нема да биде над законски дозволениот максимум, информираат од Општина Битола.

„Сите основни и средни училишта во Битола новата учебна година ќе ја почнат подготвени и без финансиски долгови. По подолго време училиштата во градот немаат блокирани финансиски сметки, вратени се над четири милиони евра долгови и сега училиштата може да продолжат успешно да работат. До официјалниот почеток на новата учебна година во најголем дел од училиштата се вршат комунални и инфраструктурни интервенции, и се подготвуваат распоредите на часовите за наставниот процес“, информира Емилија Костурски, заменик градоначалник на Битола.

Во Битола има 12 основни и шест средни училишта чиј основач е Советот на Општина Битола.