СП Катар 2022: Јапонија ја совлада и Шпанија, Германија елиминирана

Фудбалерите на Јапонија со пресврт ја совладаа Шпанија со 2:1 (0:1) во натпреварот од третото коло од Групата Е на светското првенство, со што двете репрезентации се пласираа во осминафиналето, а Германија и покрај побадата над Костарика со 4:2 се прости од натпреварувањето.

Јапонија го освои првото место во групата и во осминафиналето ќе игра против Хрватска. Тој натпревар се игра во понеделник. Шпанија, пак, е на второто место и во осминафиналето за противник го има Мароко. Шпанија освои четири бода исто како и Германија, но Шпанците одат во нокаут-фазата поради подобрата гол-разлика, во првото коло ја совладаат Костарика со 7:0.,

По подобрата игра во првото полувреме, Шпанија поведе во 11 минута со голот на Алваро Мората. Сепак, на почетокот на вториот дел Јапонеците, слично како и на дуелот со Германија, направија брз резултатски пресврт и победија со головите на Доан во 48 и Танака во 51 минута.

Јапонските фудбалери храбро и растрчано го отворија натпреварот, веднаш потсетувајќи на одличното второ полувреме што го одиграа против Германија претходно на турнирот. Јапонците ја имаа првата поголема шанса, во 8 минута а Ито шутираше покрај голот. Но многу брзо потоа Шпанија го презеде водството. Аспиликуета нафрли а Мората покрај главно пониските Јапонци највисоко скокна и и постигна гол со глава во 12 минута за водство на Шпанија.

По голот следеше долг период во кој шпанските фудбалери ја развиваа својата игра со „вечен“ посед на топка. Шпанците ги умртвија противничките играчи со речиси 80 проценти посед во првото полувреме. Во таква игра понекогаш се отвораше дупка во одбраната на Јапонија, но Мората и Олмо не ги искористија приликите за удвојување на водството.

Во првото полувреме Јапонија беше немоќна, нејзините играчи тешко доаѓаа до топката, а уште потешко успеаваа да дојдат до голот на противникот, но не требаше долго во продолжението за да настане вистинско лудило на теренот.

Најголем шпански проблем на овој турнир се проигрувањата на голманот Унаи Симон и одбраната, а токму тоа се случи при израмнувањето во 48 минута. Јапонците ја украдоа топката и Доан шутираше од врвот на шеснаесетникот, а по лошата интервенција на Унаи Симон топката заврши во мрежата на Шпанија.

Само три минути подоцна Јапонија поведе по проверката со ВАР-технологијата. Се чинеше дека топката излезе надвор од границите на игралиштето, но на крајот беше потврден погодокот на Танака за 2:1 со што Јапонците комплетно го пресликаа сето она што го сторија против Германија кога исто така 0:1 го претворија во 2:1.

Двата брзи гола дефинитивно ги вознемирија играчите на Шпанија, кои дотогаш делуваа смирено, бидејќи Германија направи пресврт против Костарика. „Фуријата“ поворно влеза во период на целосен посед но расречаните Јапонци одлично се бранеа. Јаппонија ги затвори сите приоди кон својот гол, па Шпанија не можеше да создаде вистинска шанса пред противничкиот гол. Периодот до крајот на мечот мина без вистинска шанса за Шпанците, кои направија вистински притисок дури во самата завршница. Двете најдобри шанси ги имаа Асенсио во 89 минута и Олмо во 90 минута, но и во двата случаи одбрани јапонскиот голман Гонда.

Истовремено во Кор Германија со пресврт ја победи Костарика со 4:2, но двете селекции беа елиминирани и си заминуваат дома.

За Германците погодија Серж Гнабри (10), Каи Хаверц (73,85) и Никлас Фулкруг (89), а за Костарика Елцин Техеда (58) и Хуан Пабло Варгас (71).

Иако многумина очекуваа овој натпревар да биде еднонасочена и лесна победа за Германците, на крајот гледавме одлична игра со многу пресврти, во која Костариканците во 73 минута водеа со 2:1. Тогаш точно две минути Јапонците и Костариканците беа во осминафиналето, а Шпанија и Германија беа елиминирани, што секако ќе беше најголемата сензација во историјата на светските првенства.

На крајот Германците постигнаа три гола и победија, но тоа не им беше доволно да минат. Германија второ Светско првенство со ред не ја минува групната фаза.

Инаку, на овој натпревар 38-годишната Французинка Стефани Фрапар испиша историја со тоа што стана првата жена која судела натпревар на Светско првенство во 92-годишниот историјат. Фрапар на дуелот Костарика – Германија го предводеше првиот исклучиво женски судиски тим на Светското првенство, заедно со помошничките Неуза Бацка од Бразил и Карен Дијаз од Мексико.

Очекувано, Германците од самиот почеток почнаа да го напаѓаат голот на Костарика. Прво се обиде Мусиала во шестата минута, а веќе во десеттата дојдоа во водство. Совршена долга топка испрати Давид Раум, акцијата ја следеше Серж Гнабри, кој скокна високо и од непосредна близина ја упати во долниот десен агол. Четири минути подоцна шутираше Леон Горецка, но Кејлор Навас го одбрани неговиот удар. Мусиала и Гнабри потоа ја промашија рамката на голот од излгедни прилики, а тоа за малку скапо ќе ја чинеше Германија.

Во 43 минута Костариканецот Кејшер Фулер го искористи невниманието на одбраната, изби еден на еден со германскиот голман, но неговиот силен удар под гредата одлично го одбрани Мануел Ноер. Инаку, Нојер на овој меч по 19-ти пат на Мундијалот бранеше за Германија, со што стана голман со најмногу настапи на Мундијалите.

Но, ниту семоќниот Ноер не можеше да го спречи голот на Костариканците во 58 минута. Ноер најпрво го одбрани ударот на Фулер, а на одбиената топка пред германските дефанзивци пристигна Елцин Техеда и ја заби топката во левата страна од голот. Во 61 минута Мусиала го погоди левиот дирек, а истиот играч осум минути подоцна ја погоди истата статива.

А потоа во 71 минута Костариканците дојдоа во водство од голема мешаница во која Варгас реагираше највешто и погоди од непосредна близина. Сепак, славјето на Костариканците траеше две минути, бидејќи во 73-та брзата и прецизна акција на Германија со гол ја заврши Хаверц. Во 76 минута Фулкруг можеше да се претвори во германски херој, но ветеранот Навас го одбрани неговиот удар, а во 85 минута Гнабри со нафрлување од крило ја „проби“ одбраната, а Хаверц на втората статива ја смести во мрежата. Во 89 минута Фулкруг ги постави конечните 4:2.