Нов светски фудбалски првак е селекцијата на Аргентина, предводена од најдобриот фудбалер на денешнината Лионел Меси, која во неделата на стадионот „Лусаил“ во Доха пред 85.000 гледачи по подоброто изведување на пеналите 7:5 (3:3, 2:2, 2:0) го совлада досегашниот бранител на титулата Франција.
На титулите од 1978 и 1986, Аргентина сега ја додаде и оваа од 2022-та. Тогаш тоа беа селекциите на „гаучосите“ предводени од легендите Марио Кемпес и Диего Армандо Марадона, а сега оваа нација којашто живее за фудбалот дојдоа до титулата водена од Лионел Меси, кој постигна два погодока во финалето, плус во пенал-рулетот, за единствената титула која му недостасуваше досега во кариерата.
Меси од пенал во 23 минута погоди за 1:0, додека до крајот на првиот дел инспирираниот и незадржлив Анхел Ди Марија зголеми на 2:0 во 36 минута. Французите до 80 минута имаа само еден удар кон аргентинскиот гол, но тогаш во само шеесетина секунди успеа да израмни, се чини, и самите неверувајќи во тоа. На 2:2 израмни Килиан Бмпапе кој во 90 минута реализираше пенал и во 81 минута. Во продолженијата Аргентина повторно поведе во 109 минута со 3:2 а стрелец беше Меси, но во 118 минута повторно Мбапе реализираше пенал за 3:3.
Во пенал серијата аргентинскиот голман Мартинез го одбрани ударот на Коман додека Упамегано го промаши голот, а сите Аргентинци беа прецизни: Меси, Дибала, Парадес и Монтиел, кого инаку топката на минута пред крајот од второто продолжение го погоди во раката и ѝ овозможи на Франција преку пеналот да го избегне поразот во играчкиот дел.
Како и што се очекуваше, финалниот дуел започна со внимателна игра од двете страни, иако Аргентинците веднаш покажаа дека се порешителни кон противничкиот гол. Аргентина прва се закани веќе во 8 минута кога Де Пол шутираше од врвот на шеснаесетникот, но топката о Варан отиде во корнер.
Новата добра акција Аргентинците ја искреираа во 17 минута. Беше измамена целата француска одбрана, но Ди Марија лошо шутираше од поволна можност. Истиот играч по само неколку минути повторно го измами Дембеле, влезе во шеснаесетникот а Французинот го собори од грб а полскиот арбитар Шимон Марчинјак покажа на белата точка. Одговорноста ја презема Меси кој во 23 минута го испрати францускиот голман Иго Љорис во едната а топката во другата страна, доведувајќи ја водство Аргентина и предизвикувајќи делириум на трибините на кои според процените на организаторот се наоѓаа близу повеќе десетици илјади Аргентинци.
И по водството сликата на теренот воопшто не се промени. Дури, и пожестоко се играше на француската половина. Растрчаните и енергични Аргентинци го држеа високиот ритам, нивниот среден ред не му даваше да здивне на противникот, што резултираше со втор погодок за „гаучосите“. Французите во 36 минута беа во еден од ретките престојување на противничката половина, но Аргентинците изведоа прецизен контранапад. Меси одлично го проигра Алварез, овој во простор го исфрли Мек Алистер кој го забележа на другата страна осамениот во трк Ди Марија кој лесно погоди за удвојување на водството.
Бранителот на титулата, кој многумина го гледаа и како голем фаворит во финалето, во првиот дел не стори апсолутни ништо. Во нападот немаше идеи, Мбапе, Гризман и Жиру како да не постоеја на теренот, а и тркачки, иако физичко супериорни над Аргентинците, и технички беа инфериорни. Тоа го принуди францускиот селектор Дидие Дешан уште во 41 минута да ги направи првите измени, и наместо Жиру и Дембеле да ги внесе Коло Муани и Турам.
И на почетокот од вториот дел Аргентина прва се закани, во 49 минута кога убавата акција Родриго Де Пол ја заврши со волеј но директно во Иго Љорис. И во продолжението Франција изгледаше немоќно, а Аргентинците создадоа уште две шанси преку Алварез и Меси, но на семафорот остана дотогашниот резултат 2:0. Како што одминуваше времето Французите мораа да одат во поголем ризик иако без конкретна закана, а аргентинските напади беа опасни и се очекуваше трет гол во мрежата на Љорис и потврда на победата.
Ди Марија, чие место во стартната постава беше изненадувањето на Аргентина, ја напушти играта во 60 минута, и се чини тоа беше причина и Меси да го привлече поголемото внимание на француската одбрана. По тоа Аргентина се повлече во одбрана сакајќи да го сочува водството, но тоа беше веројатно погрешен потег кој им даде простор на Французите да се соземат и да ги поврзат своите редови.
Франција дури во 71 минута, преку Мбапе, имаше поизгледна ситуација пред голот на Аргентина, кога шутираше од врвот на шеснаесетникот но далеку над голот. Веќе во 79 минута аргентинската одбрана ја направи првата грешка. Коло Муани му побегна на Отаменди, а овој го собори во првите метри од казнетиот простор. Мбапе силно шутираше од белата точка, аргентинскиот голман Мартинез ја погоди страната и беше блиску до одбрана но се затресе неговата мрежа. Веќе во следната минута Франција израмни на 2:2, а Мбапе осамен во аргентинскиот шеснаесетник во пад реализираше додавање. Со тоа Французите без никакви напори среќно дојдоа до шанса да го исправат дотогашното катастрофално издание недостојно за меч од ваков ранг.
Французите дури беа многу блиску до целосен пресврт во 94 минута, кога Рабио шутираше но Мартинез го спречи третиот гол за Франција во серија. Головите на Мбапе и измените со млади играчи кои ги направи Дешан придонесоа Франција да биде многу подобра во завршницата на дуелот кој отиде во продолженија, иако Меси во седмата минута од продолжението можеше да постигне уште еден гол, но шутираше директно во Љорис.
Аргентина се тргна од разочарувањето на крајот од првото продолжение. Француската одбрана прво го блокираше ударот на штотуку влезениот во игра Лаутаро Мартинез а потоа и силниот шут на Монтиел, а потоа Лаутаро имаше уште една шанса.
Подобрата игра на Аргентина продолжи и во второто продолжение, а во 109 минута убавата акција ја заврши Лаутаро со шут Љорис одбрани но натрча Меси за ново водство на „гаучосите“ од 3:2. Во 118 минута, Мбапе повторно беше мирен од белата точка, откако претходно топката во рака го погоди Монтиел кој во лизгачки старт се обиде да блокира шут кон аргентинскиот гол.
Во последните две минути од судиските продолженија на двете страни беа промашени две шанси за 4:3. Прво Коло Мауни од близина не ја зафати со глава од непосредна близина нафрлената топка, а на спротивната страна Лаутаро Мартинез исто така од одлична шанса од близина шутираше во гол-аут. Во 123 минута Муани беше исфрлен само осамен пред аргентинскиот гол но Мартинез брилијантно со нога спречи француски погодок и незаслужена аргентинска трагедија.
Потоа следеа пеналите, а како и против Холандија во полуфиналето, изведувачите на Аргентина и овојпат беа многу сигурни, а голманот Мартинез ја донесе предноста уште во првата серија бранејќи го ударот на Коман.