ВИДЕО| Аргентина е шампион на мундијалот во Катар

Аргентина е шампион на Светското првенство во Катар, откако на пенали ја совлада Франција во драматичен натпревар кој во регуларниот дел заврши со резултат 2 – 2, а по продолженијата резултатот беше 3 – 3. Ова е трета шампионска титула на Аргентина на светските првенства.

Лионел Меси од пенал ѝ донесе рано водство на Аргентина 1 – 0 во 22 минута. Судијата Шимон Марчинијак му свиреше фаул на Усман Дембеле од Франција кој направи прекршок, кога наместо топката ја погоди ногата на противничкиот играч.

Вториот гол за Аргентина го постигна Анхел Ди Мариа, по одлична акција од контра напад којашто почна од Меси, па преку Мекалистер кој му асистраше на Ди Мариа за погодок.

Но, драмата започна на крајот на второто полувреме. Николас Отаменди од Аргентина беше невнимателен и направи фаул влечејќи го противничкиот играч во својот шеснаесетник, по што Франција доби пенал, а Килијан Мбапе го намали резултатот на 2 -1 со прецизен удар во долниот лев агол од голот.

Само една минута подоцна Мбапе го израмни резултатот на 2 -2 кога доби одлична топка во шеснаесетникот на Аргентина и упати прецизен удар кој заврши во мрежата. Маркус Тирам асистираше за голот.

Вака заврши регуларниот дел од натпреварот, по што почнаа продолженија два пати по 15 минути.

Првото продолжение заврши без голови, но Меси во 109 минута го постигна седмиот гол на Светското првенство во Катар за водство на Аргентина од 3 – 2.

Но, судијата по втор пат свиреше пенал за Франција. Аргентинецот Гонзало Монтиел играше со рака, а Мбапе постигна гол за израмнување и хет-трик на финалниот натпревар.

Следуваше пенал серијата која заврши 4 -2 за Аргентина. Прв шутираше Мбапе за Франција, а потоа и Меси кои беа ефикасни. Следуваа два промашени пенали за Франција. Аргентиците беа прецизни и со последниот реализиран пенал од страна на Гонзало Монтиел започна славјето за Аргентина.

Килијан Мбапе е најдобар стрелец на шампионатот со осум постигнати голови.

Светското првенство 2022 година во Катар беше 22-ро на кое се натпреваруваа репрезентациите членки на ФИФА. Ова беше прво Светско првенство што се одржало во арапскиот свет и муслиманскиот свет, а второто во Азија по турнирот во 2002 година во Јужна Кореја и Јапонија.