Актуелниот фудбалски светски прваци, селекцијата на Франција, го отвори првенството во Катар со уверлива победа од 4:1 (2:1) над Австралија во првиот дуел од првото коло на Групата Д, доминантно започнувајќи ја одбраната на титулата и покрај многуте изостанувања на играчите и раното водство на противникот.
Австралија го шокираше шампионот со погодокот на Крег Гудвин веќе во 9 минута, но многу подобрата Франција не дозволи противникот долго да биде во водство и со два брзи погодока веќе до крајот на првиот дел го сврте резултатот во своја полза. Стрелци беа Адриен Рабио во 27 и Оливие Жиру во 32 минута, а во продолжение од дуелот „Триколорите“ продолжија со доминацијата и постигнаа уште два погодока. Килиан Мбапе беше стрелец во 68 минута, а во 71-та Жиру уште еднаш се впиша меѓу стрелците.
На самиот почеток од дуелот, Леки лесно го мина Лукас Ернандез и нафрли за Гудвин кој беше во полн трик а напаѓачот на австралиски Аделаид од прва со левата нога ја затресе мрежата на Иго Љорис. Лукас Ернандез при оваа акција лошо го повреди коленото и веднаш беше заменет со неговиот брат Тео Ернандез.
Во 22 минута австралискиот играч Дјуке за малку ќе го удвоеше водството, но неговиот шут мина малку крај стативата. А набрзо Французите во игра ги врати во вистински момент Рабио, кој израмни во 27 минута со погодок со глава од петерецот, а само пет минути подоцна ја искористи големата грешка на австралискиот бек Еткинсон пред својот шеснаесетник и ја протури топката до Жиру кој рутинирано го постигна својот 50-ти погодок во репрезентативната кариера.
До крајот на полувремето за одбележување се уште два момента, во последните моменти Мбапе не го погоди голот од само пет метри, а набрзо на спротивната страна Ирвин со удар со глаава ја погоди стативата.
Во 50 минута расположениот Жиру се обиде атрактивно со „ножички“ но топката мина крај стативата, а во 67 минута шутот на Гризман од гол-линијата го исфрли Бенич. Но веќе следната минута, по неколкуте безуспешни обиди конечно до гол дојде моментално најскапиот играч на светот, кога Дембеле многу прецизно го проигра Мбапе кому му преостана само да ја уфрли топката во мрежата. Напаѓачот на ПСЖ три минути подоцна му асистираше на Жиру за нов погодок со глава и зголемување на водството на 4:1. Со овој погодок 36-годишниот Жиру со 51 гол се израмни според погодоците постигната за француската селекција со легендарниот Тиери Анри.
Австралискиот голман Рајан во завршницата одбрани неколку добри шанси на Французите, па Австралијците се спасија од поубедлив пораз.
На мини-табелата во оваа група води Франција со три бода, по бод имаат Данска и Тунис, кои претходно во вторникот одиграа без голови, додека Австралија е без бодови. Во второто коло на 26-ти ноември се среќаваат Тунис – Австралија и Франција – Данска.