СП Катар 2022: Уругвај и Јужна Кореја одиграа меч без шут во рамките на голот

Во натпреварот од првото коло од Групата Х на Светското првенство во Катар, во раниот попладневен термин во четвртокот селекциите на Уругвај и на Јужна Кореја на стадионот „Едукејшн Сити“ во ал-Рајан одиграа без голови 0:0.

Во текот на целиот натпревар ниту една од двете селекции не успеа да упати директен удар во рамките на противничкиот гол, иако Уругвајците во два наврата ја затресоа стативата.

Корејците поинтензивно влегоа во дуелот, но освен поседот на топката не ѝ создадоа никакви проблеми на добро поставената уругвајска одбрана.

Сепак, првата шанса на мечот ја имаше Уругвај,м во 19 минута кога Хименез упати долга топка од својата последна линија, Валведрде дојде до неа меѓу двајцата корејски стопери но шутираше крај голот. Три минути подоцна следеше уфрлување од десната страна во казнениот простор на Јужна Кореја, но никој од уругвајските напаѓачи не реагираше добри.

Одлична шанса за водство Јужна Кореја имаше во 34 минута, кога На одлучно испрати топка во центарот на уругвајскиот шеснаесетник, но напаѓачот Уу-јо Хванг од идеална позиција шутираше над голот. Најблиску до погодок во првиот дел, сепак, беше Уругвај, и тоа по прекин. Капитенот Годин беше највисок во скокот по изведениот коренер, но неговиот удар со глава од пет метри заврши во стативата.

Вториот дел започна исто како и првиот, Јужна Кореја имаше поголем посед на топката но без опасни акции, и повторно Уругвај прв се закани. Во 63 минута Нуњез протатне по левата страна но неговиот обид да го проигра Суарез го прочита голманот Ким. За ново возбудување пред некој од двата гола мораше да се чека сѐ до 81 минута кога Единсон Кавани му ја смири топката на Ниуњез кој шутираше откосо од левата страна од врвот на шеснаесетникот, но топката мина цел метар крај стативата.

Во монотона игра најголемите возбудувања дојдоа во 89 и во 90 минута. Прво Валверде откако мина дваесетина метри со топката се реши на шут од повеќе од 20 метри, но топката наместо во горниот горен агол од корејскиот гол го погоди дирекот. Само една минута подоцна грубо згреши уругвајскиот голман Рошет кој ја дегажираше топката право во нозете на најопасниот корејски напаѓач Сон, следеше удар од околу 23 метри кој мина крај стативата.

Од 17 часот во првото коло од оваа група играат Португалија и Гана.