Милојко Спајиќ, Мандатарот за состав на новата црногорска влада и лидер на Движењето Европа сега (ПЕС), синоќа по разговорот со потенцијалните учесници на новото парламентарно мнозинство изјави дека била одржана „конструктивна средба“.
-Ја одредивме динамиката на следните чекори. Сега работиме на создавање договор. Не би зборувал за теми, но имаме поголемо мнозинство од очекуваното, рече Спајиќ, не сакајќи да одговори кој се ќе се најде во новата влада.
Според него, средбата била резултат на билатералните разговори што ги водел со потенцијалните партнери во вторникот, по што се изродил и новиот модел на идната влада.
Спајиќ синоќа во Подгорица разговараше со лидерот на албанската алтернатива, Ник Ѓељошај, со претседателот на Демократска Црна Гора, Алекс Бечиќ и со функционерите на ова партија, Борис Богдановиќ и Момо Копривиќ, лидерите на коалицијата За иднината на Црна Гора , Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, лидерот на СНП, Владимир Јоковиќ и функционерот на оваа партија Драган Вукиќ, како и со претседателот на Здружението на граѓани ЦИВИС, Срѓан Павиќевиќ.
Извори блиски до учесниците во преговорите наведуваат дека влезот на Албанскиот форум во новата влада е извесен, а истото не може да се каже и за Албанската алијанса на чело со Генци Ниманбегу.
Според „Вијести“, Спајиќ вчера не се сретнал со актуелниот премиер и лидер на ГП на УРА Дритан Абазовиќ, иако за ова се шпекулираше во медиумите.