Спасовски очекува што поскоро одржување избори

Очекувам час поскоро да направиме сè за да ги комплетираме институциите низ демократски избори каде ќе може да се искористи правото на граѓаните да избираат, да одлучуваат за тоа кој ќе ја преземе судбината за државата, изјави во саботата техничкиот премиер Оливер Спасовски

Претходно Спасовски присуствуваше на состанокот на Советот за безбедност по кој претседателот Стево Пендаровски рече дека ќе прогласи нова четврта по ред вонредна состојба од 14 дена.

„Секој до нас мора да биде свесен дека мораме да живееме со пандемијата и согласно на тоа да се подготвуваме на тоа во наредниот период. Уште поважно е дека мора да имаме функционални институции, кои ќе носат одлуки во интерес на здравјето и на економијата. Ние сега имаме нефункционален парламент, преодна влада формирана за одржување на парламентарни избори и состојба која не доведе да функционираме во услови на здравствена и економска криза. Затоа институциите мора да преземат одговорност, пред сè и во делот на одржување на изборите и на тој начин да се состават во полн капацитет Собранието и нова политичка влада која ќе ги преземе сите активности за справување со здравствените и економските предизвици“, рече Спасовски.

Го повтори притоа ставот на неговата партија СДСМ дека е „неодговорно кон граѓаните да се остави државата без институции со полн капацитет“.

Претходно по денешната седма седница на Советот за безбедност, претседателот Стево Пендаровски, кој исто така е кадар на СДСМ, кажа дека на барање на Владата, до крајот на денот ќе донесе одлука за прогласување нова вонредна состојба во траење од 14 дена и побара од политичките лидери да се договорат за да се организираат парламентарни избори, бидејќи државата не може да функционира само со вонредна состојба.