![Granica-granichen-premin-so-Srbi-a](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/06/Granica-granichen-premin-so-Srbi-a.jpg?resize=685%2C479&ssl=1)
Отворањето на границите без никакво ограничување и почнување со работа на аеродромите не е политичка одлука донесена во пресрет на изборите, рече премиерот Оливер Спасовски на денешната прес-конференција во Владата. Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање, кажа дека вчерашната одлука од 26 јуни влезот во земјава да биде без ПЦЛ тест и изолација, а од 1 јули да се отворат аеродромите во Скопје и Охрид, е донесена по анализите и препораките на Комисијата за заразни болести.
Тој ги повика граѓаните на 15 јули да излезат на изборите и да гласаат, притоа почитувајќи ги сите мерки и протоколи за заштита од коронавирусот.
„Процесот на гласање не ги изложува на ризик граѓаните доколку ги почитуваат мерките. Гласањето и задржувањето на гласачкото место трае од 3 до 5 минути, што е помалку отколку пазарењето во маркет. Да го искористиме граѓанското право и да создадеме демократски институции. Организирање фер и демократски избори е приоритет на оваа преодна влада. Секое прекршување на мерките и секоја злоупотреба на државните ресурси за партиски цели ќе биде санкционирано“, рече Спасовски.
Од денеска почнува изборната кампања за предвремените избори кои ќе се одржат на 15 јули, среда. На 13 и 14 јули ќе гласаат болните, изнемоштените, заразените со КОВИД-19 и лицата кои се во изолација.