Ги повикувам граѓаните доколку некој врши притисок врз нив или ги заплашува во врска со гласањето во недела, тоа да го пријават во најблиската полициска станица. Тајноста на гласот е гарантирана и ќе биде санкциониран било каков обид за загрозување на слободното изразување на волјата на граѓаните, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференцијата по посетата во четвртокот на СВР Куманово и локалната самоуправа.
Спасовски, како што соопштуваат од МВР, информираше дека на средбата со раководството на СВР Куманово, како и на посетите кои во текот на септември се реализираа во другите сектори за внатрешни работи, се разговараше за претстојниот референдум во недела и мерките кои МВР ги презема за се да помине во најдобар ред односно да се овозможи слободно изразување на волјата на граѓаните.
„МВР е подготвено за референдумот во недела, а, согласно законите, секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран“, рече Спасовски.
На средбата во СВР Куманово се разговараше и за безбедносната состојба на ова подрачје и беше констатирано дека таа е стабилна и се бележи подобрување во работењето. Во првото полугодие од 2018 година во Куманово има осетно зголемување на откривачката активност во областа на економскиот криминал, недозволената трговија со дрога и други области.
Во текот на првото полугодие од 2018 година, активностите насочени кон спречување и откривање на недозволена трговија резултираа со откривање на 14 кривични дела, што претставува зголемување од 75 отсто на откривачката функција во однос на споредбениот период од минатата 2017 година. Одлични резултати има и во откривањето на криумчари на мигранти, а се бележи и намалување на прекршоците од областа на јавниот ред и мир, информираше Спасовски.
На средбата со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, беше констатирана „одличната соработка“ меѓу МВР и општина Куманово, а се разговараше и за дополнително унапредување на таа соработка. Министерот Спасовски најави и дека во буџетот за 2019 година се предвидени средства за изградба на нов објект на СВР Куманово.
Во последните шест месеци од годинава, криминалот на ниво на Општина Куманово е зголемен за дури 20 отсто, изјави, пак, во понеделникот Драган Петковски, советник од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по расправата по извештајот за работата на полициската станица од општа надлежност Куманово.
„Во овој извештај видовме еден франтпантен податок дека во последните шест месеци криминалитетот во Општина Куманово е зголемен дури за 20 отсто. Оваа особеност се однесува на делот, економски криминал каде што зголемувањето е 170 проценти, и на делот на недозволена трговија каде што зголемувањето е 75 отсто“, рече на почетокот од седмицава Петковски.