„Со заеднички сили, со упорност и верба, со нашата непоколебливост и сплотеност ќе ја урнеме досегашната власт, која во изминатите години работеше само за одреден број на луѓе, лојална и фаворизирана клиентела и привилегирани поединци. Ги знаеме ветувањата, знаеме што направија, односно не направија во изминатите години“, истакна Борче Спасовски, кандидат за градоначалник на општина Ранковце на митингот.
Спасовски додаде дека тој како иден градоначалник ќе се залага и неуморно ќе работи на подобрување на сите стандарди за поквалитетен и подостоинствен живот во Ранковце.
„Се обврзувам дека конечно ќе го изградиме водоводниот систем во с. Псача кој го ветуваа, а не го изградија изминативе години. Ветувам нови захвати за вода во Биљино и Пклиште за селата Радибуш, Гиновце, Ранковце и Отошница. Ќе ја изградиме канализационата мрежа во Љубинце, Опила и дел од Псача“, вети Спасовски.
Спасовски посочи дека тековно и квалитетно ќе има одржување на сите постоечки водоводни и канализациони мрежи на територијата на општина Ранковце и нивно редовно и навремено сервисирање и одржување.
„Во делот на инфраструктурата ќе се посветиме на изградба на локалните патишта во селата: Петралица, Баратлија, Псача, Гиновце, Ранковце и другите населени места. За младите и најмалите ќе изградиме повеќе наменско игралиште и мини парк во с. Ранковце, како и игралишта за спорт и рекреација во другите населени места, а за најмалите градинка во с. Ранковце“, појасни Спасовски.
Спасовски вети дека ќе се преземат и мерки за реновирање и опремување на амбулантата во с. Ранковце и создавање услови за работење на истата за потребите на граѓаните на Ранковце.