Специјална награда за „Кајмак“ во Португалија

Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја освои Специјалната награда на жирито во престижната програма Недела на режисерите на фестивалот Фантаспорто. Ова беше 43. издание на фестивалот кој се одржува во португалскиот град Порто. Како еден од наградените филмови, „Кајмак“ имаше специјална дополнителна проекција на затварањето на Фантаспорто.

Oва е најнова награда за Манчевски, најтрофејниот македонски режисер, кој има освоено повеќе од 60 меѓународни награди и признанија во досегашната кариера. Меѓу нив се и Златен лав во Венеција, Номинација за Оскар, Индепендент спирит (САД), ФИПРЕСЦИ (награда на меѓународната асоцијација на критичари), Давид ди Донатело (Италија), Сребрен Кондор (Аргенитна), Сребрена Палма во Валенција (Шпанија), Најдобра режија на Реинденс (Лондон), Најдобар филм на Синеквест (Калифорнија), ФЕДЕОРА (награда на медитеранската критика) Филм на годината во Турција, Најдобар филм на фестивалот во Сао Пауло (Бразил), Награда 11. Октомври, Гран при во Санкт Петерсбург (Русија), Почесен докторат од ВГИК (Русија), итн. Најраните награди што ги има освоено за неговите филмски остварувања се на фестивалот Белград Алтернативи (за експериментален филм) во 1984 и Најдобар рап спот на МТВ во 1991.

Португалскиот културен магазин „Лаксанте“ го оценува филмот со четири ѕвезди и пишува: „Манчевски повторно создава моменти на голема емоционална и скулптурална убавина, со прекрасна фотографија која успева да го одржи формалното единство без оглед на тоа дали делува во комичниот или во драмскиот регистар. Резултатот е екстремно хуман и прекрасен филм, ама истовремено и филм што е искрен и сиров. Уште еден пример за големината на кинематографијата на Милчо Манчевски.“

„Кајмак“ е седми филм на Манчевски, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција во соработка со МРТВ, а поддржана од Еуримаж. Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, музиката е на Дејниш стринг квартет и Игор Василев-Новоградска, кастингот е на Милка Анчевска, а маската на Марио Микисанти.

Филмот, црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на илибералните тенденции во општеството, беше најгледан филм во Македонија во 2022, а светската премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Токио.