Специјална олимпијада Македонија ја почна програмата „Млади атлети“

Со почетокот на програмата „Млади атлети“ на Специјална олимпијада Македонија го одбележуваме меѓународниот ден на спортот 6 април.

Програмата „Млади атлети“ е наменета за деца со и без интелектуална попреченост на возраст од 2 до 7 години, кои преку спортот ќе се запознаат со основните спортски вештини, како што се трчање, шутирање и фрлање, а преку образовните и забавните активности ќе ги развиваат своите социјални вештини.

Програмата ќе трае 6 месеци, во Скопје и Тетово, се одвива двапати седмично и во себе опфаќа 3 големи јавни презентации преку кои ќе се демонстрираат вештините стекнати од програмата и завршен спортски настан кој ќе биде заокружување на програмата.

„Целта на оваа програма е заедништво на децата со и без интелектуална попреченост, кои ќе можат да играат и да се дружат, да научат повеќе едни за други и меѓусебно да се разбираат. Воедно сакаме да бидеме поддршка на социјалната инклузија и инклузивната игра во училиштата,заедницата и домовите; да укажеме на тоа дека сите деца треба да се ценат за нивните таленти и способности и да промовираме здрав живот и учење за децата да останат активни“ – вели Ана Петровска национален директор на Специјална олимпијада Македонија.

„Млади атлети“ е поддржана од обучен тренерски тим на Специјална олимпијада МАкеоднија и волонтери од гимназијата „Нова“ и им нуди на семејствата, наставниците, старателите и лицата од заедницата можност да ја споделат радоста што доаѓа од спортот со сите деца.

IMG_0273

Програмата „Млади атлети“ се спроведува како дел од регионалниот проект финансиран од Европската унија и кофинансиран од УНИЦЕФ „ Заштита на децата од насилство и промовирање социјална инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“.