„Специјална Олимпијада Македонија“ денеска ги презентираше придобивките од програмата „Млади атлети“ наменета за децата со и без интелектуална попреченост, стекнати од нејзината примена на групите од Скопје и Тетово во изминатите четири месеци.
– Општестовото кое не ги согледува можностите на лицата со попреченост, само ги создава пречките и ги стимулира предрасудите. Токму затоа неопходно е да се отвориме кон овие лица и да ги охрабриме да се вклучат во сите сфери на живеење, а спортот е една од можностите кои ние ги нудиме. Инклузијата почнува од најмалите години. „Младите атлети“ се тие кои ќе ја водат инклузијата во Македонија“, вели Ана Петровска Национален директор на „Специјална олимпијада Македонија“
„Млади Атлети“ е иновативна спортско – забавна програма наменета за деца со и без интелектуална попреченост на возраст од 2 до 9 години, чиј фокус е развој на моторичките способности преку спортот, и социјалните и когнитивните способности, преку игра и забава. Оваа програма „Специјална Олимпијада Македонија“ веќе две години успешно ја спроведува со неколку групи деца, а сега има за цел да ја вклучи и во инклузивните училишта во земјата.
Програмата „Млади атлети“ е дел од еднодневната конференција „Спортуваме заедно за среќно детство“, а се спроведува со поддршка од ЕУ и УНИЦЕФ преку регионалниот проект, кој е финансиран од ЕУ и кофинансиран од УНИЦЕФ „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“.