СПМ ги отфрли како срамни предложените измени на Законот за работни односи

Социјалистичката партија на Македонија предложените измени на Законот за работни односи, со кои се предлага воведување прекувремена работа подолга од досега предвидената ги отфрла како срамни прекршувања на работничките права и воведување експлоататорски односи спротивни на Уставот.
-Најкорумпираната власт преку своите неодговорни пратеници бара во градбата на коридорите 8 и 10д за конзорциумот Бехтел и Енка да се донесе недозволено и противуставно решение. Тоа е насилничко однесување кое власта без запирање го наметнува во македонскиот парламент.
Со непочитување и угнетување на работничките права кои се уставно гарантирани власта работи против правниот поредок и сопствената држава.
Социјалистичката партија на Македонија бара веднаш да се повлече овој катастрофален предлог закон кој всушност претставува воведување на робовски труд и безгранично експлоатирање што е незамисливо во 21 век.
Тие што го преговарале и го прифатиле ваквиот предлог треба да одговараат и да бидат казнети.
Безумните закани на Артан Груби кон македонските работници кои не сакаат да работат со подолго работно време со нивна замена и увоз на работници од странство кои ќе работат на автопатите се воведување современо ропство за кое се залага ДУИ и СДС. Потврда за делувањето на овие два политички субјекти спротивно на интересите на граѓаните.
Тоа значи враќање на државата 200 години наназад. Никој нормален не би прифатил ваква уцена освен најкорумпираните политичари предавници Димитар Ковачевски и Артан Груби.
Иако Уставниот суд донесе одлука за траењето на прекувремената работа овие двајца не почитуваат ништо и упорно го рушат системот и правата од работните односи.
Социјалистичката партија на Македонија оценува дека со ваква предавничка политика и неограничена корупција именованите ја ништат државата Македонија.
Инертниот Јавен обвинител мора да собере храброст и да покрене постапка пред Судот за криминалот што го прават и предлагаат Груби и Ковачевски, соопштија од оваа партија.