
Опозициската Демократска лига на Косово (ЛДК) и движењето „Самоопределување“ добија еднаква поддршка, скоро една третина од гласачките ливчиња на вонредните парламентарни избори во Косово. Така кажуваат излезните анкети, пренесени од медиумите во Приштина и агенцијата „Ројтерс“.
На изборите денеска кои беа распишани по оставката на премиерот Рамуш Харадинај во јули и самораспуштањето на Парламентот, косовските жители гласаа за 120 пратеници.
Резултатите на излезните анкети се голем удар за владејачката Алијанса за иднината на Косово на Харадинај и коалицијата со која настапи на изборите за што говорат 10,58% добиени гласови, далеку зад обете опозициски партии.
Фактор што стои зад ваквиот резултат е поделбата меѓу фракцијата на Харадинај и другите две сили – „Нисма“ и Демократската партија на Косово (ПДК). Формациите што ги обединија поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), вклучувајќи го Харадинај, лидерот на ПДК, Кадри Весели и претседателот Хашим Тачи (кој ја основаше ПДК, но се повлече по победата на изборите), всушност добиваат за неколку проценти повеќе од последните избори во 2017 година, кога зедоа околу 33% (сега – вкупно 38 проценти).
Командант на ОВК беше и Фатмир Лимај, лидерот на „Нисма“, социјалдемократска формација која на претходното гласање ги здружи силите со партиите на Харадинај и на Весели, но сега се појави одделно. „Нисма“ доби над 4% од гласовите според излезните анкети. Спротивно на тоа, Демократската лига на Косово и „Самоопределување“ ги подобрија своите резултати за неколку поени според истите анкети.
Кај косовските Срби исто така се виде голема активност, како што побара српскиот претседател Александар Вучиќ. Анкетите на националната телевизија „Клан Косова“ ја доближуваат Демократската лига на Косово до објавеното ветување – прва жена премиер во земјата да биде 37-годишната Вјоса Османи. Сепак, тие го потврдуваат и подемот на „Самоопределување“, што започна како формација со барање за припојување со Албанија, но подоцна ја ублажи реториката со елементи на социјалдемократија, за привлекување на поширок опсег на гласачи. Партијата беше изненадување и на претходните избори, кога стана втора сила по коалицијата на воени команданти.