Според календарот на МПЦ, денеска се одбележува споменот на овие светители

Преподобен Јован Рилски

Овој голем подвижник и светилник на Православната Црква се роди близу Софија во местото Скрина, во времето на царот Борис. Се роди од бедни и благочестиви родители. По смртта на родителите се замонаши и се оддалечи во една дива гора и таму во една пештера почна да се подвизува. Овде претрпе многу напади од демоните и од луѓето, од разбојници и од своите роднини. Потоа се пресели на Рилската Планина и се насели во едно шуливо дрво. Се хранеше само со трева и со грав, којшто по Божја Промисла почна да расте во близината. Долги години тој не виде човечко лице, додека, повторно по Божја Промисла, не го открија овчари коишто трагаа по своите изгубени овци. Така светителот се прочу меѓу луѓето и тие почнаа да му доаѓаат барајќи помош во болестите и во маките. Го посетуваше и самиот цар бугарски Петар и бараше совети од него. Мнозина ревнители во духовниот живот се населија близу Јован и таму наскоро кренаа храм и манастир. Свети Јован се упокои во Господ мирно на 18 август 946 година, во седумдесеттата година од неговиот живот. По смртта им се јави на своите ученици. Неговите мошти се пренесени најнапред во Софија, па во Унгарија, па во Трново и најпосле во Рилскиот манастир, каде што и денес почиваат. Рилскиот манастир со векови беше светилник и место на чудотворна сила и духовна утеха за христијанскиот народ во Бугарија, особено во тешките времиња на турското ропство.

Тропар
Втемелен на покајание, излив на умиление, пример на утешение и на духовно совршенство беше твојот рамноангелен живот, преподобен. Отче Јоване, кој во молитви и пост и солзи пребиваше, моли Го Христа Бога за нашите души.

 

Светите маченици Флор и Лавр

Браќа по тело и по дух и по занимање. Обајцата беа ревносни христијани, а по занает каменоресци. Живееја во Илирија. Некој незнабожечки кнез ги вработи да ѕидаат идолски храм. Додека работеа се случи едно парче од камен да отскокне и да го удри во око синот на идлоскиот жрец, којшто љубопитно ја набљудуваше работата на ѕидарите. Кога го виде својот син слеп и крвав, жрецот почна да вика по Флор и Лавр и сакаше да ги тепа. Тогаш Светите браќа му рекоа дека ако поверува во Бога во Којшто тие веруваат, неговиот син ќе оздрави. Жерцот им вети. Флор и Лавр со солзи Го помолија живиот и единствен Господ Бог и со знакот на крстот го осенија изваденото око на детето. Тоа оздраве веднаш и окото му стана цело како што му беше. Тогаш жрецот Мемертин и неговиот син се крстија веднаш и наскоро обајцата пострадаа во оган за Христа. А Флор и Лавр, кога го довршија храмот, ставија на него крст, ги повикаа сите христијани и го осветија со името на Господ Исус и со сеноќно псалмопение. Кога за ова дозна илирскиот намесник, многумина од христијаните ги изгоре во оган, а Флор и Лавр живи ги фрли во бунар, а бунарот го затрупа со земја. Подоцна нивните мошти се објавија и беа пренесени во Цариград. Овие прекрасни браќа пострадаа за Христа и со Него се прославија во 2 век.

Тропар
Времето земно ваше истече, исполнувајќи ги светите Христови заповеди, душата за Христа се обручи и мноштво овци загубени кон Него приведовте, о Флоре и Лавре, кои молитвено нас кон Аголниот камен н? приближивте. Радувајте се, свети маченици, и застапете се за нас, пред Оној Кој гревови простува.

 

Светиот свештеномаченик Емилијан епископ Тревиски

Родум од Ерменија. Барајќи мачеништво, по своја желба отиде да Го проповеда Христа во времето на Диоклецијан во Италија. Во Тревија го избраа за епископ. Заради многубројните чуда при неговото мачење, во Христа поверуваа околу илјада незнабожци. Го убија со меч задно со неговиот духовник Иларион и со двајцата браќа Дионисиј и Ермил.

Тропар
Ја спозна силата Господова во слабоста, Го виде Оној Кој го чува Израилот, о Емилијане, свет мачениче, и се зарадува душата твоја на спасението одозгора, затоа пред светот смело исповеда дека Христос е единствениот вистински Бог. Радувај се и за нас моли се, достојнославен жителу на Небесното Царство.