Бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, член на владејачката партија ГЕРБ, во интервју за Мкд.мк, за кое повод е изјавата на Бугарија со која се условува македонската евроинтеграција со брзо „решение“ за историјата од 19 и 20 век, со исфрлање на терминот „македонски јазик“ и воведување на „службен јазик на РСМ“, изнесе повќе ставови за односите со Македонија и нејзиното интегрирање.
За тоа дека во Македонија има различни толкувања на бугарските услови за почнување на преговорите за членство во Европската унија, односно за министерот Димитров и за претседателот Пендаровски, тоа е унилатерална изјава што ќе се реши на билатерално ниво и тука ЕУ воопшто не е вмешана, додека за опозиционерот Александар Николовски овие услови се антимакедонски, се потавува прашањето до каде ќе оди Бугарија со овие барања.
– Јас разбирам дека опозицијата, која го носи името на бугарската револуционерна организација БМОРК/ВМОРО/ВМРО, создадена од етничките Бугари Гоце Делчев, Иван Татарчев, Даме Груев, сака да води политика на оваа тема и да ја обвини актуелната македонска власт. Сепак, ова не е моја работа и нема да се вклучам во овој спор.
Повторувам, нема ништо ново во ставот на Бугарија. Јас сум пријател со господинот Николовски и тој многу добро ја знае нашата позиција од многубројните средби со Никола Груевски, Влатко Ѓорчев и сега, исто така со Христијан Мицкоски. Во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје видов портрети на големите Бугари Тодор Александров, Христо и Милан Матови, Ванчо Михајлов… Имаме заедничка историја и тогаш нашите заеднички предци сè уште не беа разделени од југословенскиот комунизам.
Треба да е јасно дека Бугарија во никој случај не ја оспорува сегашната реалност во Република Северна Македонија. Во исто време, Бугарија во никој случај не може да прифати да ја промени својата историја, ретроактивно. Времето на југокомунизмот е неповратно завршено. Македонија денес треба да ја гради својата иднина врз основа на вистината. На македонскиот суверенитет во никој случај нема да му се наштети ако се признаат историските реалности. Македонската државност датира од 1944 година, кога почна процесот на утврдување на денешниот македонски идентитет. Врз основа на еден од бугарските дијалекти, денешниот официјален јазик на Република Северна Македонија е кодифициран. Македонија нема да биде помалку достојна и почитувана членка на ЕУ и НАТО ако ги признае овие историски реалности. Напротив, тоа ќе ја гарантира нејзината безбедност и просперитет, вели бураскиот европарламентарец Андреј Ковачев.
Димитров за овие услови рече дека се еднострани, само од бугарска страна, и спротивни и на одредбите од Договорот за пријателство и добрососедство. Македонскиот јазик е клучен и е нераскинлив елемент на нашиот национален идентитет, вели шефот на македонската дипломатија. Дали е подготвена Бугарија да се повлече од оваа позиција, Ковачев истакнува:
– Нашиот став остана непроменет уште од самиот почеток на односите меѓу тогашната Република Македонија, сегашна Република Северна Македонија, и Република Бугарија. Разбирањето на заедничката историја е загарантирано во Договорот за добрососедство. Затоа е формирана Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни работи. Но во моментов, работата на оваа комисија е стопирана од страна на Македонија. Комисијата треба само да работи врз историски документи, без предрасуди. Ако на историчарите им недостига волја и храброст, тогаш политичарите мора да го решат овој проблем. Сега најважно е да се избегнат одложувањата на работата на оваа комисија. Мора да има брз напредок. Секое одложување на работата на оваа комисија не е во интерес на Македонија.
Историјата не е нешто што јас сакам таква да биде. Историјата е таква како што пишува во писма и сведоштвата од нашите предци. Браќата Миладинови не го напишаа „Зборникот“, туку „Бугарски народни песни“. Григор Прличев, Рајко Жинзифов, Кузман Шапкарев се декларираа како Бугари, а јазикот на којшто пишуваа е бугарски. Гоце Делчев, Дамјан Груев, Христо Татарчев – сите вмровци, дури и со левоориентираните Сандански и Ѓорче Петров, за себе и за населението во Македонија велеа дека се Бугари.
Секој што прочитал малку историја во Македонија ги знае сите овие работи. Секој може да пребарува по Википедија или во „Енциклопедија Британика“, на кој било јазик, ќе го најде ова што го кажувам за овие личности. Тој ќе открие дека целиот свет знае дека се тие Бугари. Само македонската официјална историографија продолжува да ги претставува како етнички Македонци.