На 2 ноември, фармацевтската компанија „Варус“ во соработка со Здружението на лекари по општа – семејна медицина ја започнува традиционалната кампања за подигнување на свесноста за превенција на развојот и контролата на дијабетесот. Со ова, „Варус“ се приклучува кон глобалната кампања по повод Светскиот ден на дијабетес, која Меѓународната федерација за Дијабетес ја одбележува секоја година на 14 ноември, оваа година со тема „Дијабетес- медицинските сестри ја прават разликата.“
Годинава, ставаме посебен акцент и на метаболниот синдром, замастувањето на црниот дроб и поврзаноста на овие состојби со предијабетес и дијабетес за што постојат научни студии, но и искуства од секојднeвната пракса. И во контекст на тоа, кампањата е поделена во две теми, соодветно на споменатите здравствени состојби.
Кампањата и оваа година ќе се одвива на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, на страниците „Здравјето приоритет – Аларм за свест“ (https://fbook.cc/3HqA). Станува збор за некомерцијални страници на кои компанијата најмалку два пати годишно реализира кампањи за подигнување на јавната свест за одредени заболувања. Токму тука ќе бидат споделени информативни и едукативни содржини поврзани со метаболниот синдром, замастувањето на црниот дроб, предијабетес и дијабетес во контекст на ризик фактори, симптоми, превенција и третман.
„Во годината одбележана од светската пандемија на Covid-19, особено значење има потребата да се нотираат и други здравствени состојби кои не треба да бидат запоставени. Како компанија од областа на фармацијата, сметаме дека имаме општествено одговорна улога во заедницата да и посочиме на јавноста за важноста од превенција и навремен третман на здравствените состојби кои секоја година бележат загрижувачки статистиките. Како овластени застапници на најголемата водечка научно-технолошка фармацевтска компанија „Мерк“, горди сме што можеме да дадеме придонес кон подигање на свесноста за дијабетесот како глобален проблем и екстремно значајно здравствено прашање“ – истакнуваат од „Варус“.
Според Меѓународната федерација за дијабетес во 2019 година, 1 од 11 возрасни лица (20-79 години) има дијабетес, односно бројот на возрасни лица од светската популација со нарушена гликозна толеранција изнесувал 463 милиони, а до 2030 година 7% од светското население ќе има нарушена гликозна толеранција. Се проценува дека околу 70% од лицата со нелекувана IFG (Нарушена гликемија на гладно) и / или IGT (Нарушена гликозна толеранција) ќе развијат дијабетес мелитус тип 2 во следните неколку години. Предијабетесот е исто така честа состојба кај младата популација во светот. Речиси една третина од пациентите со предијабетес се на возраст помеѓу 20 и 39 години, а речиси половина од вкупниот број се на возраст под 50 години.