Споредбено, Македонија одвои многу малку за помош на стопанството поради лошата кондиција на јавните финансии

Гувернерката на Народната банка, Анита Агеловска Бежоска во своето гостување во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма во средата ја посочи разликата во државната помош за приватниот сектор и граѓаните меѓу Македонија и земјите од регионот и пошироко и како што таа забележа во земјава помошта е далеку помала споредено со другите држави, а причината за тоа таа ја гледа во лошата кондиција во која се наоѓаат јавните финансии.

-Меѓутоа како што и самите почитувате има разлика во однос на обемот. Некои анализи кои што се расположливи посочуваатдека има големи разлики од земја до земја и во регионот и пошироко за големината на фискалниот стимул кој што се обезбедува. Но кога ќе се погледне подетално што е причината и од каде произлегува разликата во големината на фискалниот стимул веднап може да се забележи дека сепак тоа зависи од кондицијата во која се наоѓаат јавните финансии, односно можноста за обезбедување на дополнителни извори на финансирање, вели таа.

Според неа мерките за помош на стопанството се недоволни и се потребни дополнителни фискални мерки од страна на Владата.

-За мене е тешко да кажам од позицијата на гувернер, бидејќи министерството за финансии и останатите економски ресори во Владата имаат постојани контакти со стопанските комори, здруженијата, асоцијациите, имаат подобра база на податоци за да ја проценат ситуацијата. Но од она што јас го гледам сметам дека потребни се дополнителни фискални мерки, но како што кажав мора да водиме сметка за фискалниот простор, додаде таа.