Спречен шверц на лекови и на патики

Цариниците спречиле шверц на над илјада парчиња спортски обувки, како и на поголемо количсетво на лекови, информираше Царинската управа.

Според Царината, 1.312 патики со ознаки на заштитени трговски марки, биле откриени деновиве на Граничниот премин Дојран при контрола на турски камион пријавен за влез во земјава. Возилото било натоварено со производи со потекло од Турција наменета за фирма од Косово.
Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани, и согласно законските прописи ќе биде поведена постапка за утврдување на нивната оригиналност.

Од Царината инфорираат дека бил откриен шверц на медицински препарати и диететски суплементи.

Станува збор за 1,5 литри диететски суплемент Venovin, 130 дози од 1 милилитар суспензии за инекции Lemod-depo 40mg/ml, 20 дози од 1 милилитар раствори за инекции Tetagam 250i.j./1ml- Tetanus, 150 дози од 0,3 милилитри капки за очи Saflutan 15mg/ml и 60 таблети Sintrom 4mg, откриени при контрола на српски автомобил, управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на Граничниот премин Табановце.
Непријавените производи, за кои е потребна и посебна дозвола за увоз во државата, биле пронајдени во фабрички прегради во потпирачите за раце помеѓу предните седишта и на задното седиште. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.