Во германската престолнина Берлин е спречен многу веројатен обид за терористички напад врз руски новинари и членови на нивните семејства, потврдија во саботата од амбасадата на Русија во Германија повикувајќи се на локалните безбедносни служби.
Според објавата, која следува по синоќешните медиумски известувања, во петокот попладнето со шише фрлено од улица бил скршен прозорец на еден од становите во зградата во којашто со своите семејства живеат дописниците на руските медиуми во Берлин. При полицискиот увид во една од просториите на објектот е пронајден сокриен сомнителен предмет, импровизиран од голем канистер наполнет со засегa непозната течност, како и пластично шише и плинска боcа со жици зацврстени со леплива лента.
„Германските полициски службеници кои пристигнаа на местото итно ги евакуираа жителите и воспоставија безбедносен коридор, повикувајќи ја противпожарната служба и специјалисти за експлозиви. Вторите потврдија дека веруваат оти откриениот предмет претставува импровизирана експлозивна направа, и е решено да биде деактивирана на самото место. Нема повредени во текот на оваа операција“, се наведува во соопштението на руската амбасада.
На жителите на зградата во меѓувреме им било овозможено привремено да одат на побезбедна локација.
Руската дипломатска мисија испратила нота до германското министерство за надворешни работи, со барање за спроведување темелна истрага за инцидентот. Од берлинската полиција за агенцијата РИА изјавиле дека истрагата веќе е тек, а во неа се вклучени и обвинителството и службата за државна безбедност.
Руското министерство за надворешни работи во меѓувреме соопшти дека очекува „непристрасна оцена“, од Обединетите нации, УНЕСКО и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Руската амбасада во Берлин, исто така, не исkлучува дека „овој еклатантен чин може да е директно поврзан со атмосферата во Германија за прогон на државните руски медиуми, произволно обвинувани за наводно ширење дезинформации и пропагaнда“.
Сведоштва и фото-материјал за местото на живеење на руските новинари и членовите на нивните семејства, на чијашто сметка беа упатувани и продолжуваат да се упатуваат закани, „беа објавувани на социјалните мрежи и во водечките германски медиуми“, предупреди амбасадата.