Царинските службеници на аеродром Александар Велики – Скопје, вчера спречија обид за нелегално внесување на 18 илјади швајцарски франци. Ова е четврт случај на спречен шверц на девизи во изминатава седмица.
Околу 20.30 часот, вчеравечер, на аеродромот Александар Велики, за влез во државата се пријави лицето Т.Р. македонска државјанка, која допатувала со лет од Цирих. И покрај тоа што се определи за зелен канал, каде поминуваат патници кои немаат ништо за пријавување, и изјавила дека со себе носи само 500 швајцарски франци, поради основано сомневање, селектирана е за понатамошна контрола. При извршениот преглед, кај патничката, царинските службеници пронајдоа 30 илјади швајцарски франци сокриени во нејзиниот градник, за кои не поседувала никаков документ за потекло. Ова е втор случај неделава на пронајдени девизи во градник што говори дека трендот на внесување на црни пари сокриени во градници расте.
Согласно законот за девизи, на лицето му се вратени 12 илјади швајцарски франци, односно 10 илјади евра, износ што резидент може слободно да го внесе во државата, додека 18 илјади швајцарски франци привремено се задржани.
Против сторителот, Царинска управа поднесе прекршочна пријава за утврдување на одговорноста.