Срамен е ставот на министерот Османи за клубот „Никола Вапцаров“, реагира ОМО Илинден Пирин

Каков срам – шефот на македонската дипломатија ќе проверува што граѓани на друга земја прават во својата земја и што граѓани на трета земја финансираат, реагира ОМО Илинден Пирин на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград и изедначувањето на овој клуб со клубовите што ги отворија македонските Бугари во земјава.

Во отворената порака до Османи, објавена на Фејсбук од ОМО Илинден Пирин велат дека никој не крие кој стои зад отворањето на клубот во Благоевград.

„Тоа е на право место Друштвото за заштита на основни човекови права во Благоевград, друштво кое повеќе пати ја истакнува својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и за добрососедството меѓу Македонија и Бугарија.

Финансиери на Клубот се двајца истакнати припадници на македонската заедница во Торонто, Канада: Глигор Цанев и Минчо Остас, а посредник е Македонско меѓународно движење за човекови права“, велат од Организацијата.

Оттаму додаваат дека Османи всушност не се интересира ниту за тоа кој го отвора клубот, ниту кој го финансира, туку се фиксирал само врз некои искажувања на посредникот искажувани во врска со други настани.

„Можеби затоа што си барате изговор зашто нема да дојдете?! Правдање, зашто надворешниот министер на Македонија не ги поддржува Македонците во Бугарија? Така е кога првиот македонски дипломат се информира од жолти сајтови кои шират прикриено бугарска пропаганда во Македонија“, стои во отворената порака.

Од ОМО Илинден Пирин го потсетуваат Османи дека ветил дека нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија па не е ли „директно мешање проверката што прават граѓани на Бугарија“, и го прашуваат од кога македонското МНР е разгранок на бугарското МВР кое што треба да проверува што се случува на бугарска територија.

„Отворањето на Културен клуб со име на поетот антифашист Никола Вапцаров не е исто со отворање на ‘културен‘ клуб со име на терорист и хитлеров соработник.

Културните активности на Македонците во Бугарија не се провокација! Оставете ние, Македонците во Бугарија, да решаваме од што имаме потреба и што ни оди во наш интерес. Вие така или инаку се имате откажано од нас! Оние што не се откажаа од нас – доаѓаат во недела. Тие се добродојдени!“, пишува во објавата на Фејсбук.