Србија досега вакцинираше 513.652 лица, ревакцинацијата почнува за пет дена

Во Србија досега, според најновите податоци, против коронавирус се вакцинирани 513.652 лица. Вакцинацијата продолжува и денеска на повеќе пунктови.

Секоја од вакцините бара давање на две дози во одреден временски период, а ревакцинацијата во Србија почнува од 9 февруари. За примање на втората доза не е потребна нова пријава.

Според последниот пресек во Србија како последица од Ковид-19 починале 15 лица, а регистрирани се нови 1932 случаи.

Србија сè уште е втора во Европа според бројот на вакцинации на милион жители, покажуваат најновите податоци на Владата на Србија.

Според бројот на вакцинации на милион жители само Велика Британија е подобра од Србија ,а потоа се Малта, Данска, Исланд, Ирска, Романија, Словенија, Литванија, Швајцарија, Шпанија, Италија.

Кога станува збор за регионот, Србија е убедливо прва по бројот на вакцинации на милион жители. Следуваат Романија, Словенија, Унгарија, Хрватска и Бугарија.

Според вкупниот број вакцинирања, Србија е втора во регионот, по Романија, а зад Србија се Унгарија, Хрватска, Словенија и Бугарија.

Како што објави Алијансата за вакцини Гави, Србија во првата половина на 2021 година од Ковакс механизмот треба да добие 345.600 дози на вакцината на АстраЗенека против Ковид 19.