Српските власти инсталирале домашен шпионски софтвер на телефоните на десетици новинари и активисти, пишува Amnesty Internatonal (AI) во извештајот објавен во понеделникот, повикувајќи се на форензички докази и сведоштва на активисти кои тврдат дека биле „хакирани“.
„Во неколку случаи, активисти и новинари пријавиле сомнителна активност на нивните мобилни телефони откако биле испрашувани од српската полиција и безбедносните служби“, се вели во извештајот на AI.
Во два случаи за отклучување на телонотени, пред да бидат заразени со српскиот Android spyware систем „NoviSpy“, бил корситен софтверот на израелската компанија за надзор и следење „Cellebrite DI“.
Со помош на шпионскиот систем „NoviSpy“ биле копирани телефонски контакти, кои потоа беа префрлени на сервер контролиран од српската влада.
„NoviSpy“, иако технички е помалку напреден од високо инвазивниот шпионски софтвер како што е „Pegasus“, им овозможувал на српските власти да снимаат чувствителни лични податоци од целениот мобилен телефон и овозможува далечински да се вклучи микрофонот или камерата на мобилниот телефон.
„Српските власти користат технологија за надзор и тактики за дигитална репресија како инструменти за поширока државна контрола и репресија насочени против граѓанското општество“, се наведува во извештајот на АI.
Во него, меѓу другото, се споменува дека српското Министерство за внатрешни работи користи форензичка алатка за вадење податоци од мобилни телефони, којашто ја добила на подарок од Норвешка, а која била набавена преку Агенцијата на ОН за проектни услуги (UNOPS).
Станува збор за пакет кој беше доставен до Министерството за внатрешни работи на Србија од 2017 до 2021 година за да ѝ помогне на земјата во борбата против организираниот криминал.
Во извештајот на Amnesty Internatonal се додава дека норвешката влада привремено ја прекинала испораката на уредите на компанијата „Cellebrite“ во Србија во 2018 година. Норвешката амбасада во Белград изразила загриженост за програмата, но UNOPS на крајот го испорачал во јуни 2019 година.
Според AI, Србија добила уреди „Cellebrite“ како дел од широк пакет помош за да ѝ помогне на Србија да ги исполни барањата поврзани со процесот на интеграција во ЕУ.
Заменик-министерката за надворешни работи на Норвешка, Марија Вартересијан, изјави за Reuters дека наводите изнесени во извештајот се „алармантни и доколку се докаже дека се вистинити, неприфатливи“. Таа додаде дека норвешките власти на крајот на месецот ќе се сретнат со српските власти и со UNOPS.
„Очекуваме UNOPS да ги истражи овие наводи“, рекла Вартересијан.
Српското Министерство за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи и разузнавачката Безбедносно-информативна аганција (БИА) не одговорила на барањето на Reuters за коментар.
Производите на „Cellebrite“ се широко користени од бројни агенции за спроведување на законот ширум светот, вклучувајќи го и американското Федерално биро за истраги (FBI).
Главниот маркетинг директор на компанијата, Дејвид Џи, изјави дека ако се докаже дека се точни тврдењата на Amnesty Internatonal, тоа ќе претставува прекршување на договорот за лиценца за крајниот корисник и ќе резултира со суспензија на употребата на нивната технологија.