Србија го доби третиот меѓународен аеродром, Вучиќ порача дека сите треба да навикнат на успешна Србија

Србија во петокот го доби третиот меѓународен аеродром, мешовитиот воено-цивилен аеродром „Морава“ крај Краљево, кој во присуство на српскиот државен врв официјално беше отворен за цивилен соораќај.

„Денеска е остварено она што го зацртавме – се создава нова Србија, земја на работата, која победува и време е на оваа успешна Србија – Србија на победите а не на поразите – да се навикнат сите“, рече српскиот претседател Александар Вучиќ на свеченоста на отворањето на аеродромот „Морава“ крај Краљево.

Вучиќ рече и дека аеродромот „Морава“ од денеска е „ново место, едно од многуте со кои Србија може во небото, но до нови дестинации, цели и резултати“.

Потсетувајќи дека денеска е Видовден, верски празник и датум кој од Косовската битка и во подоцнежните периоди ја одбележа поновата историја на Србија, Вучиќ рече дека освен Видовден од пред 630 години, денеска на тв-каналите може да се види и говорот на Слободан Милошевиќ од Газиместан. Говорот на сега покојниот српски челник Милошевиќ на Газиместан 1989 година, по повод 600-годишнината од Косовската битка, во поновата историја се толкува како процес на јакнење на српскиот национализам кој доведе до распадот на поранешна Југославија.

„Ако погледнете што после сето тоа минавме и каде се наоѓаме, ми се чини дека лесно ќе извлечеме поуки за иднината“, рече Вучиќ. Српскиот претседател порача дека Србија треба во иднина со „студена глава“ да им пристапува на решавањето на проблемите.

„Сакаме да бидеме во мир со сите… Србија денеска е воз кој сака да оди во иднината. Ние знаеме дека тој пат е долг. И основната разлика меѓу она време во кои верувавме само во своите војнички способности и ова во кое знаеме да работиме е фактот дека Србија повеќе не губи“, истакна Вучиќ.

Донеодамна воениот аеродром Лаѓевци кај Краљево досега го користеше Војската на Србија, сега е прилагоден за патничките авиони од типовите „ATR“, како и за „Boeing 737“. Според најавоата од следната година на „Морава“ ќе може да слетуваат и авионите „Airbus“.