Србија во пристапните преговори со ЕУ го отвори поглавјето девет, за финансиските услуги

На Меѓувладината конференција во Брисел во четвртокот, Србија во пристапните преговори со Европската унија го отвори поглавјето девет – за финансиските услуги, што е 17-то отворено поглавје од почетокот на преговорите.

Европскиот комесар за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, оценил во Брисел по повод отворењето на новото поглавје, дека станува збор за „важен чекор“, бидејќи Србија има голема полза од стабилниот финансиски систем. Хан притоа порачал дека владеењето на правото и економскиот развој претставуваат „срце на процесот на европските интеграции“, како и дека во интерес на Србија е да ги зајакне реформите, согласно стратешката определба за приклучување на ЕУ.

„Реформите се спроведуваат поради граѓаните, а не поради некој функционер во Европската унија“, ја цитираат белградските медиуми пораката на еврокомесарот Хан.

Хан укажал на податокот дека ЕУ од 2007 година ѝ пружила на Србија финансиска помош во износ од 2,7 милијарди евра, и навел дека со српската министерка за европски интеграции Јадранка Јоксимовиќ денес потпишал договор за годишна помош од претпристапните фондови вреден 179 милиони евра. Тоа го оценил како факт кој ја илустрира посветеноста на ЕУ на евроинтеграциите на Србија и навел дека членките на Унијата секогаш ќе го поддржат отоврањето на новите поглавја, доколку Белград е посветен на реформите. Хан изразил уверување дека до крајот на годината ќе бидат отворени нови поглавја, пренесуваат медиумите.

Во првите реакции на отворањето на поглавјето девет, гувернерката на Народната банка на Србија, Јоргованка Табаковиќ, оценува дека тоа покажува „усогласеност со сите критериуми и мерила кои ги предвидува областа на финансиските услуги“, како и дека „Србија на патот кон ЕУ направила голем дел од работата“ во оваа област. Истакнала дека „особено важно“ е оти затворањето на поглавјето девет може да се очекува веднаш по отворањето, бидејќи „постојат административни капацитети и усогласеност на домашната со регулативата на ЕУ“.

„До влезот во ЕУ ние ќе мораме да донесеме некои закони, но не затоа што тие денес не постојат, туку затоа што оваа област во кој секојдневно се прават унапредувања, коишто, на пример, значат заштита на корисниците на финансиските услуги и сѐ поголемиот и подлабок обем на овие услуги и начинот на кој се следи нивното применување, се унапредува управувањето со ризиците во работењето. Тоа ќе значи континуитет на нашето усогласување до влегувањето во ЕУ“, оценува Табаковиќ за агенцијата Танјуг.

Во текот на досегашните преговори, започнати во јануари 2014 година, ова е вкупно 17-то поглавје коешто го отвори Србија, а две беа веднаш и затворени, додека преку поглавјето 35, ЕУ континуирано го следи напредокот во дијалогото за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.