Србиновски: Предизвикот е огромен, но не се плашам

Србиновски ќе има тешка задача да ја продолжи успешната работа на Џикиќ

Борбеност на секој дел од теренот, фанатична мотивираност и желба да се извади максимумот од секоја ситуација ветува новиот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Марјан Србиновски, во пресрет на Европското првенство (ЕП) во Загреб, каде што и официјално ќе дебитира на клупата на жолто-црвените.

Популарниот Марче вчера, релативно неочекувано, доби шанса да седне на жешката клупа на националниот тим, откако српскиот стратег Александар Џикиќ доби отказ од Македонската кошаркарска федерација (МКФ) поради „нарушената соработка и недовербата во органите на федерацијата“. За него ова ќе биде прв самостоен обид да ја предводи Македонија, откако претходно му беше помошник на Марин Докузовски на ЕП 2011 во Литванија и на Марјан Лазовски на предолимпискиот турнир во Венецуела.

Според Србиновски, главен негов адут во работата е помошта од Заре Марковски
Според Србиновски, главен негов адут во работата е помошта од Заре Марковски

„Работите се случуваа многу брзо. Прво добив покана да му бидам помошник на Џикиќ, која веднаш ја прифатив, а еден ден подоцна ми беше понудено да бидам и селектор. Предизвикот е огромен, но не се плашам од него. Верувам во тимот кој го имам на располагање и мислам дека со малку среќа можеме да оствариме добар резултат на претстојното ЕП. Голем плус за мене е што ќе ја имам помошта од спортскиот директор Заре Марковски, под чија палка како играч настапив на континенталниот собир во Франција во 1999 година. Ветувам максимално професионална и фокусирана работа, па ќе видиме што ќе излезе на крајот од сето ова“, ни изјави Србиновски.

Македонија на шампионатот кој првпат во историјата ќе се игра во четири различни земји (Хрватска, Германија, Летонија и Франција) е во групата во Загреб заедно со селекцијата на домаќинот, Словенија, Грција, Грузија и на Холандија. Пласман во осминафиналето ќе обезбедат четирите најдобри, што отвора простор за надеж дека и жолто-црвените ќе се најдат во авионот за Лил на крајот од групната фаза од ЕП.

Според новиот селектор, не смее да има потценување кон ниедна од селекциите на првенството
Според новиот селектор, не смее да има потценување кон ниедна од селекциите на првенството

„Групата е тешка, тоа е реалноста. Ниту една селекција не смее да биде потценета, дури ни Холандија, која, како за потсетување, во квалификациите беше подобра од една Црна Гора. Мораме да одиграме максимално борбено, пожртвувано, да даваме сѐ од себе на секој дел од теренот и во секој момент од натпреварот. Тоа е рецептот за успех. Ќе одиме од меч во меч, ќе размислуваме само за следниот противник и нема однапред да калкулираме или да правиме математики. Секоја победа ќе биде злато вредна. Желбата е да се влезе во вториот круг и сметам дека имаме квалитет да го сториме тоа, без разлика на подмладениот состав кој ми е на располагање“, дополнува популарниот Марче.

Србиновски на располагање ќе го има истиот состав со кој Џикиќ лани обезбеди пласман на првенството, засилен со ветеранот Владо Илиевски и центарот Предраг Самарџиски. Подготовките официјално почнуваат задутре, а новиот селектор првиот текст ќе го има во периодот помеѓу 7 и 9 август, кога во Охрид ќе ги одмерите силите со Израел и со Украина.