10.8 C
Skopje
среда, декември 11, 2024

Србов: На очиглед на цела Европа владата доживеа епски дебакл

На очиглед на цела Европа се докажа дека патот не бил овој кој ни го презентира власта. На очиглед на цела Европа македонската влада доживеа епски дебакл, напиша во фејсбук статус историчарот Никола Србов.

Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:

„И за државата и за граѓаните е неопходно да има предвремени избори.
Знаеме дека датумот немаше да ни го направи животот розов преку ноќ, но ќе ја зауздаше власта, криминалот и самоволието во нашето општество, ќе бараше имплементација и ќе бевме подложни на контрола. Но на очиглед на цела Европа се докажа дека патот не бил овој кој ни го презентира власта. На очиглед на цела Европа македонската влада доживеа епски дебакл.

Изминатите три години македонското општество претрпе силни потреси. Јас не сум сигурен дали некој друг народ во некоја друга држава би издржал толкави потреси во толку кус период како што издржаа Македонците.

СДСМ од самиот почеток најави дека ќе прави радикални резови во општеството. Резови кои требаа да допрат до светогледот на секој еден поединец. Тие резови беа извршени на крајно брутален начин и без поддршка од никого.
Договор со Грција и промена на име без поддршка, со пропаднат референдум и на крајно брутален начин изгласан во Собрание. Договор со Бугарија без никаква поддршка и со далечни последици од неговата имплементација. Закон за јазици без согласност од Венецијанска комисија.
Оваа политика луѓе мои потона, ова оди во историјата како класичен пример за да учат идни генерации како не треба да се работи и што се подразбира под терминот „неспособност“.

Нивната деструктивност остави поделено и закрвено општество, разочаран народ, апатија.
После доживеаниот неуспех на нивната политика, власта допрва ќе влезе во нови авантури кои ќе донесат нова бруталност и радикализација во општеството. Во наредниот период ќе следи пресметка со сите неистомисленици, преземање на цели компании, брутален рекет и уцени, апсења на сѐ што е критички настроено, пресметка со НВО секторот кој тек сега ќе види што е режим, грабежи од тендери и проекти како што е новиот клинички центар, брутално штелување на закони за своите семејни бизниси итн.

За да не се дестабилизира општеството и економијата во периодот кој следи неопходно е на граѓаните да им се овозможи слободно на избори да потврдат или да делегитимираат нечии политики. Во спротивно влегуваме во темна дупка.
Избори веднаш!, пишува на својот Фејсбук профил аналитичарот Никола Србов.