Големото Источно прашање, се чини забрзано ескалира. Падот на режимот на Асад горе-долу беше дочекан со честитки од голем број на држави. Големите сили, заедно со Турција, повикаа на стабилизирање на состојбите со избегнување на судири помеѓу различните етнички и религиски групи. Нивни преставници допатуваа во Дамаск, на средби со лидерот на исламските бунтовници. На Сирија и беше ветена, и се уште и се ветува, помош за обновата на државата. На прв поглед „сите среќни и задоволни“. За жал, но очекувано, работите се далеку од добри.
Гео-политиката не поднесува вакум. Таа веднаш започнува да бара начини да го пополни. Тоа може да земе месеци, или години. Може да биде проследено со воени или внатрешни судири, но секогаш територијата што е оставена без, или со слаба власт, ќе биде „проголтана“ директно или индиректно, од друга држава. Тоа, моментно, забрзано се случува на просторот на Сирија.
Израел, не чекаше многу. Бунтовниците уште не беа влезени во Дамаск, кога неговите сили навлегоа во демилитираната зона на Голанската висорамнина. Израелската влада јавно кажа дека таму ќе останат за време на зимата. Тешко за верување! Дополнително, неговите воздушни сили извршија напади и ја уништија скоро целата, преостаната, воена опрема на сириската армија. Турција, не остана покуса. Три дена по влегувањето на бунтовничките сили во Дамаск, нејзиниот шеф на разузнавањето пристигна на средби со нив. По неговото враќање, Турција беше првата држава што ја отвори својата амбасада, како и преставништво на својоата црвена полумесечина. Пред некој ден, нејзиниот министер за надворешни работи исто така пристигна во Дамаск на средба со лидерот на новата сириска администрација Ахмад ал Шара. На зедничката прес конференција турскиот министер Фидан осврнувајќи се на прашањето на курдските бунтовници изјави: „…Ова не е време за чекање и гледање. Ние мора да преземеме акција. Територијалниот интегритет на Сирија не е прашање за преговори…“. Кон ова се приклучи и неговиот соговорник: „…Оваа терористичка организација (се мисли на военото курдско крило-м.з.) окупира земја на сирискиот народ и ги краде неговите природни ресурски. Јас, на овој состанок, уште еднаш укажав на одлучноста на сирискиот народ во борбата против курдските воени сили…“. Како и дали САД ќе одговорат на ваквите турско-сириски ставови е непознаница. Сепак, се чини, тоа воопшто не ја загрижува Турција. Таа и понатаму продолжува со своите воени дејствија. За неа прашањето за курдското воено крило одамна е решено. Тоа мора да се ликвидира. Во изменетава ситуација, повикувајќи на зачувување на територијалнот интегритет на Сирија таа сака резервите на нафта, кои се во регионот контролиран од страна на Курдите, но и САД, да го стави под контрола на централната влада на Сирија. Со самото тоа таа игра на картата на обезбедување на енергетски извори за сопствените потреби.
Во овој контекст интересна е изјавата на турскиот претседател Ердоган. Тој на митинг на својата партија, изминатава среда, изјави: „…Ние ние сме среќни кога ќе видиме слободно сириско знаме заедно со нашата полумесечина и звезда во Алепо, Дамаск, Хама, Хомс, Дара и Манбии…“.
Подобро одбележување на турските интересни сфери нема. Неговиот коалиционен партнер, лидиерот на турската крајна десница беше подиректен: „…Историјата не’ учи дека прва станица на патот за Ерусалим е Дамаск. Ако Дамаск е обезбеден, Ерусалим исто така ќе биде обезбеден, кога ќе дојде времето…“. Духот на крстоносните војни, полека но сигурно се буди. Израелско-турските односи навлегуваат во ризична фаза. Израел, од своја страна, не може да дозволи, Турција да стане господар на „суверена“ Сирија. Турција, моментно, не може ниту да замисли, Сирија да не е под нејзина контрола. Ваква шанса се појавува еднаш на сто години.
Големото Источно прашање, не би било големо, доколку се сведе на односите помеѓу Турција и Израел, или Турција и Курдите, односно САД. Тоа е големо, бидејќи турските апетити на запираат тука. Турскиот министер за транспорт и инфраструктура при посетата на Дамаск изјави дека на средбите е разговарано и за дефинирање на морските граници помеѓу двете држави, но и проекти во областа на авијацијата, патната инфраструктура и комуникациите. Оваа изјава, разбирливо, предизвика загриженост во Грција и Кипар. Според зборовите на еден пензиониран турски адмирал, договорот за морските граници би и’ обезбедил на Турција права на 4.000 квадратни километри морска површина. Доколку ова се случи, грчките суверени права ќе бидат игнорирани и ќе доведе до невиден преседан во предизвикување на поморските права на островите Родос и Кипар. Со самото тоа ќе бидат предизвикани и енергетските потенцијали на Кипар.
Официјална Атина не реагираше на оваа изјава, но нејзините медиуми пренесоа анонимна изјава на вработен во министерството за надворешни работи. Според изворот, моментниот транзициски период во Сирија не легитимизира таков договор. Атина одблиску ја следи состојбата и е во постојан контак со Кипар, соседните држави, но и Европската Унија. Всушност, грчкиот премиер Мицотакис јавно ја повика Европската Унија активно да се вклучи во обновата на Сирија. Надевајќи се дека на тој начин турското влијание би се истиснало. Тешко! Односот на поголемиот број на земји членки на Унијата, кон израелско-палестинскиот судир ја намали нејзината мека сила помеѓу муслиманите во светот. Големите сили, членки на Унијата, посебно Германија, на своја кожа ги почуствуваа резултатите на сопствените политики. Ниту една нивна иницијатива не помина. Нивните министри патуваа низ арапскиот свет одржуваа состаноци и се враќаа со празни раце.
Грција, во следниов период тешко дека ќе може да се потпре и на САД. Новата Трампова администрација не би сакала директно да се меша во „сириското прашање“. Тоа Трамп и јавно го изјави. За него, а со тоа и за новата администрација, важно ќе биде да се елиминираат сите закани кон Израел. Ни помалку ни повеќе! Оттука, објавувањето на интервју, во весникот „Катемерини“ со израелски аналитичар, се чини претставува опипување на пулсот на грчката јавност кон потикнување на тесна воена соработка со Израел. Имено, според искажаните зборови, за да се попречи турската неотоманска политика најдобро би било Кипар и Грција да дозволат воспоставување на израелски воени бази на нивните острови. Исклучително предизвикувачки предлог. Турција на ваков грчки потег не би останала рамнодушна. Би реагирала воено!
Секоја анализа на надворешната политика на една држава, попратена со претпоставка за нејзини идни чекори во себе содржи можности од погрешни проценки. Зад секој потег стои човечки ум, кој не е така лесно да се дешифрира. Падод на режимот на Асад од страна на голем број на аналитичари, но и министри за надворешни работи, посебно на европските, беше оценет како пораз за Русија. Тоа наизглед е така. Но, гледано од аспект на влошувањето на турско-грчките односи, со шанси за ескалација, укажуваат на еден друг момент. Секој судир помѓу две членки на НАТО, значи негово ослабување. Уште повеќе што се работи за членки кои имаат исклучително важна гео-политичка позиција за безбедноста на цела Европа. Во такво сценарио, кое никој не го посакува, најголем победник би била Русија. Заклучокот би бил јасен. Путин во Сирија не изгуби ништо. Сонот на Петар Велики за излез на Медитеранот, може да се жртвува за криза во НАТО и негово напуштање од страна на Турција. Италијанската премиерка е потполно во право. Таа изминатиов викенд, од Финска, одговарајќи на новнарско прашање за Русија порача: „…Ние треба да разбереме дека заканата е многу поголема отколку што замислуваме. Таа е за нашата демократија, нашето влијание врз јавното мнение, таа е за тоа што се случува во Африка, тоа е за рудните богатства, тоа е за инструментализација на миграцијата. Ние имаме потреба да осознаеме дека тоа е една широка идеја за безбедност…“.
Западниот Балкан е периферија на Источното прашање. Тоа го прави ранлив. Дотолку повеќе што на теренот, со делумен исклучок на Израел, се истите големи играчи. Секој нивен неуспех или успех во Источниот Медитеран е проследен со соодветни потези на просторот на Западен Балкан. Доаѓањето на Трамповата администрација при крајот на јануари, следната година, со себе носи многу непознаници. Непознаици носи и неуспехот на Украина во справувањето со руската инвазија. Секое нејзино отстапување на делови од територијата за Унијата, за Унијата ќе значи пораз. Шарената револуција во Србија е последен обид за постигнување на некаков позитивен поен. Косовските власти тоа правилно го проценија, но се залетаа. Забраната на Српска листа да учествува на парламентарните избори наиде на неподржување од земјите членки на Квинтата. Конечната одлука сеуште се чека, но штетата е направена. Но, за жал не една. Во последнава година многу инциденти и тешки зборови се искажаа на релацијата Белград-Приштина. Албанскиот премиер одлучи да покрене иницијатива. Тој во својот говор во косовскиот парламент, пред неколку дена, изјави: „…Косово треба да го запре дијалогот. Билатералниот дијалог со Србија и нормализација на односите со северниот сосед, треба да биде насочен кон дијалог со ЕУ…“.
Рама ги подржува аспирациите на Косово, во тоа нема сомнение. Но, косовската политика на национлистички реципроцитет кон Србија и’ нанесува штета и на Албанија. За него подобро е замрзнување на косовското прашање, за догледно време, отколку војна.
Во Босна и Херцеговина, состојбата станува уште подраматична. На последната седница на собранието на Република Српска, одржано изминатиов вторник, сите политички партии подржаа резолуција со која, меѓу останатото, ги запираат евро-интеграциите. Ако кон ова се додаде и судирот помеѓу босанско-хрватскиот блок и српскиот за изградба на северен енергетски коридор, од Хрватска кон Босна, а блокирање на источниот, од Србија кон Република Српска, работите стануваат многу појасни. Земјите членки на Квинтата, во обид да го блокираат српскиот свет, почнуваат да ја губат контролата на теренот. Доволно е само Путин да даде сигнал и процесот на раздвојување на Република Српска да започне. Западен Балкан да влезе во нова фаза на непосакувана нестабилност. Портпаролката на руското министерство за надворешни работи веќе предупреди на однесувањето на косовскиот премиер, но и повика мешањето во внатрешните работи на Србија да запре. И Русија, како останатите големи сили, сака да прибере поени за себе.
Македонија е составен дел на оваа слика. Отворените прашања со Бугарија, замрзнатото прашање со Грција, обидите на ДУИ да предизвика меѓуетнички тензии, се добар материјал за нејзино вовлекување во пакет со Босна и Херцеговина, Косово и Србија. Лекцииите од историјата, кога се одлучувало за нас, без нас, конечно би требало сме ги научиле. При ова не требе да заборавиме дека одредени наши сојузници од НАТО, на терен работат или самостојно, или со сојузници од интерес. Понудената рака од македонскиот државен врв кон опозицијата, како и повикот на лидерот на опозицијата за меѓусебен дијалог и изготвување на стратегии, од интерес за државата и граѓаните, треба да се материјализираат. Крајно време е за тоа! За почеток не би било лошо еднаш за секогаш заеднички да ги дефинираме националните интереси. И второ, исклучително значајно, министерот за надворешни работи и трговија да го покани лидерот на опозицијата на средба во министерството. Да го избрифира, од прва рака, за активностите на македонската дипломатија, но и нејзините предизвици. Ако може тоа да го прави Грција и некои други земји, белким можеме и ние. Логиката е едноставна. За прашања од национален интерес, нацијата зборува во еден глас.
Автор: Јован Донев за НетПрес