Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, во понеделникот престојуваше во работна посета на Виена на покана на австрискиот шеф на дипломатијата, Себастијан Курц.
Фактот што посетата е една од првите билатерални посети на МНР Димитров на ЕУ земјите членки, надвор од соседите, претставува потврда повеќе за силните врски на пријателство и соработка меѓу двете земји и нации, оценуваат од службата за односи со јавноста при Министерството за надворешни работи
Во разговорот со својот австриски колега, министерот Димитров се заблагодарил за „конзистентната и отворена поддршка“ на патот на Македонија кон членство во ЕУ, истакнувајќи дека Австрија претставува еден од најважните ЕУ пријатели на регионот. Во таа смисла, Димитров посебно ја нагласил потребата од постигнување суштински исчекор во процесот на интеграција на регионот во ЕУ, и тоа на двете страни „завршување на домашната задача“ на самите земји аспиранти, но и внесување на нова динамика во процесот на интеграција од страна на земјите членки.
„Република Македонија на овој пат, е решена, преку посветена работа, да понуди што е можно повеќе аргументи на своите Европски партнери и да претставува позитивен пример за европската перспектива на целиот Регион. Брзото враќањето на интегративниот воз за Брисел назад на шините е од клучно значење, а Македонија може да биде новиот светол момент на овој макотрпен пат“, заклучил Димитров.
Курц потврдил дека Австрија останува силен поддржувач на европската иднина на Македонија, „поздравувајќи ги заложбите на новата реформска Влада на Македонија за темелни реформи во клучните области, како и политиката на отворен и позитивен однос со своите соседи“ и притоа, според информацијата на македонското МНР, Курц ја охрабрил Владата „да продолжи со ваквите чекори“.
Разговорите на двајцата шефови на дипломатиите опфатиле и теми поврзани со миграцијата и унапредувањето на билатералната соработка, а биле размененети мислења и за актуелни политичко-безбедносна теми во регионот и пошироко.
Во рамките на својата работна посета на Виена, министерот Димитров остварил средби и со претседавачот на Комисијата за надворешнa политика во австрискиот Национален Совет, Јозеф Чап и членови на комисијата, со претседателот на Комората на индустријалците на Австрија, Георг Капш, а дал и интервју за австрискиот весник Die Presse.