Парламентарниот спикер Талат Џафери, во средата се сетна со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Мексико во Република Македонија, Марко Антонио Гарсија Бланко, информираа од Одделението за јавно информирање и односи со јавноста на Собранието.
Амбасадорот ги пренел поздравите од претседателката на Претставничкиот дом и претседателот на Сенатот на Конгресот на Мексико и ја презентираше кандидатурата на сенаторката Габриела Куевас Барон за претседател на Интерпарламентарната унија (ИПУ), нагласувајќи дека сенаторката Куевас Барон има големо парламентарно и меѓународно искуство и изрази надеж дека ќе ја има поддршката и од Делегацијата на Собранието на Република Македонија за нејзиниот избор.
Џафери нагласил дека се залага за промовирање на парламентарната дипломатија и унапредувањето на билатералните односи помеѓу Македонија и Мексико, истакнувајќи дека во Собранието веќе е формирана Пратеничка група за соработка со парламентите на земјите од Латинска Америка и Карибите. Тој посочил дека Собранието позитивно гледа на кандидатурата на сенаторката Куевас Барон за претседател на најголемата меѓународна парламентарна организација – ИПУ, со оглед на нејзината импресивна биографија и богатото меѓународно искуство.
На средбата станало збор и за можностите за продлабочување на политичката и економската соработка помеѓу двете земји, за што веќе се преземени првите чекори со потпишување на меморандуми за соработка помеѓу владите, стопанските комори и агенциите за привлекување на странски инвестиции. Во овој контекст, Џафери укажа на потребата од укинување на визите за влез во Мексико за граѓаните на Република Македонија.