Претседателот Стево Пендаровски, за време на посетата на САД по повод неговото учество на 76-то Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк оствари средба со претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.
Двајцата претседатели, како што известуваат од кабинетот на Пендаровски, размениле мислења и информации за актуелните состојби во двете држави. Штајнмајер притоа изразил „најдлабоко сочувство“ за трагедијата во тетовската модуларна болница.
„Претседателот Пендаровски упати благодарност до претседателот Штајнмајер за неговите лични напори и ангажман, како и за континуираната германска поддршка за нашата европска интеграција“, се додава во објавата за медиумите.
Пендаровски нагласил дека градењето пријателски релации со Германија, засновани на искрен и доверлив пристап, се од исклучително значење за македонската држава
„Во тој контекст, соговорниците разменија мислења и информации за најновите случувања поврзани со нашата европска интеграција и констатираа дека отпочнување на пристапни преговори на Северна Македонија со Европската унија позитивно ќе влијае на севкупната општествено-политичка клима кај нас и ќе значи дополнително стабилизирање на состојбите и просперитет на регионот“, се наведува уште во соопштението.
Соговорниците, исто така, размениле мислења и информации за последните случувања во регионот на западен Балкан.