„Искуствата на најголемите синдикални организации во САД кои се занимаваат со правата на работниците, особено во областа на образованието, можат многу да ни помогнат во унапредување на националните политики преку кои ние се залагаме за подигнување на дигнитетот на просветителската дејност и зголемување на мотивацијата за работа на наставниците. Тоа се политики кои ги креираме заедно со нашиот социјален партнер СОНК и добро е што заедно слушнавме што може да се подобри за зајакнување на најважната алка во воспитно – образовниот процес“.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој денеска заедно со претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, Јаким Неделков, оствари средба со претставници на Solidarity Center, најголемата меѓународна организација за заштита и унапредување на работничките права со седиште во Соединетите Американски Држави и со претставници на Федерацијата на наставници – втората по големина американска синдикална организација на наставници.
„Ценам дека средбата е од голема корист за нас како држава во развој, која се стреми да го забрза тој процес, преку континуирано унапредување на стандардите и состојбите во сите сфери, вклучително и да ги унапреди работничките права и тоа особено во областа на образованието“, рече Шаќири, додавајќи дека гостите ги запознал со реформите кои државата ги прави во областа на образование, а кои имаат и компонента за подигнување на мотивацијата за работа на наставниците и стручните кадри во училиштата.
Заедно со претседателот на СОНК потврдија дека се залагаат за повисоки плати, за можности за професионален и кариерен развој и токму во таа се дискутира за креирање и усвојување на нови колективни договори во основното, средното и во високото образование, кои ќе ги решат прашањата за кои наставничката фела има забелешки.
Solidarity Center е најголемата меѓународна организација за работнички права со седиште во САД која им помага на работниците да постигнат безбедни и здрави работни места, плати за поддршка на семејството, достоинство на работа, широко распространета демократија и поголема еднаквост на работа во нивните заедници. На средбата во МОН присуствуваа Стив Меклауд, програмскиот директор за Албанија, Косово и Македонија и Кејси Гаџа програмски асистент во оваа организација.
Американската федерација на наставници пак, е вториот по големина синдикат на наставници во Америка и брои над 1,7 милиони членови. Претставници од оваа организација беа потпретседателот Ден Мотгомери и Рамиро Хернандез западен регионален директор.