Владата на Србија ја укина во четвртокот уредбата за просторниот план за областа за експлоатација и преработка на рудата литиум, како и сите дозволи и уредби врзани со меѓународната корпорација „Rio Tinto“, изјави премиерката Ана Брнабиќ, а противниците на експлоатацијата на литиумумот и борот што на земјата може да ѝ донесе огромни приходи повторија вечерва дека инсистираат на мораториум на копање руди во следните 20 години.
„Поништени се сите управни акти поврзани со Rio Tinto, односно Rio Sava Exploration (ќерка фирма на Rio Tinto во Србија), сите дозволи, одлуки, решенија и сето останато. Договорите никогаш не сме имале, како што повеќепати рековме. Готово е, сѐ е завршено кога станува збор за Rio Tinto“, истакна Брнабиќ по вонредната седница на нејзината влада.
Премиерката истакна дека „Rio Tinto“ во Србија го донесе претходната власт чиишто поранешни функционери денес ја водат опозицијата и ги организираат таканаречените „еколошки протести“.
Движењето „Еколошко востание“, кое обединува десетици организации, здруженија и групи граѓани главно финансирани од странски невладини организации, со блокади на меѓународните патишта и улици инсистираше проектот за истражување и комање на литиумот и борот во Србија да се запре и да се се укинат сите дозволи и да се раскинат сите договори.
Саво Манојловиќ, водач на иницијативата „Крени-промени“, една од организациите кои се противат на експлоатацијата на литиумот а за кој белградските медиуми пишуваат дека е стипендиран од германска компанија којашто се занимава токму со ископување литиум, порача на протестот по седницата на владата, дека противниците на ископување на рудата јадарит не сакаат мораториум од една година, како што претходно најави српскиот претседател Александар Вучиќ, туку на 20 години.
Едногодишниот мораториум, како што тврди Манојловиќ, би послужил „ситуацијата да се смири“, само додека не завршат парламентарните и претседателските избори распишани за април.
Брнабиќ порача дека „денеска е ставена точка на случајот Rio Tinto“, а опозицијата, еколошките активисти и странските организации од кои се финансират ги обвини дека сакаат да ѝ нанесат штети на Србија, на нејзиниот претседател Александар Вучиќ и на владејачката Српска напредна партија (СНС).
Конзорциумот „Rio Tinto“ соопшти пред денешната седница на владата дека е „загрижен поради неодамненешните изјави на претаставници на владата на Србија за потенцијално повлекување од просторниот план за проектот Јадар“.
„Посветени сме на развој на проектот во согласност со сите српски и меѓународни прописи и ја земаме предвид загриженоста за животната средина којашто ја искажа јавноста“, соопштија од „Rio Tinto“.
Запрашана дали има опасност „Rio Tinto“ да ја тужи државата и да побара отштета, Брнабиќ изјави дека би сакала противниците на проектот и медиумите својата загриженоста да ја искажале порано и да слушнале што им порачува заедницата во регионот на планираното ископување.
„Ние не се плашиме од Rio Tinto, ние сме тука поради нашиот народ. Нека прават што мислат дека е потребно“, одговори Брнабиќ.
Истакна дека одлуката зборува за тоа дека нејзината влада го слуша гласот на народот и дека ги штити неговите интереси.
Брнабиќ нагласи дека „нема зборови“ со коишто би го опишала лицемерието на странците кои ги финансираат ткн еколошки организации кои се бунтуваат против отворањето на рудникот на „Rio Tinto“ и нивните протести.
Наведе дека најголемите финансиери се од САД, Велика Британија, Германија и Австрија, споменувајќи ги фондацијата „Rockfeller“, USAID, фондацијата за демократија „Westminester“, фондацијата „Heinrich Bell“ и Британскиот совет.
За тоа, како што рече Брнабниќ, разговарала со неколку амбасадори на западните земји и им ја пренела оваа порака.