ССМ ги става на располагање сите капацитети за зголемување на платата на работниците во здравство

Претседателот на ССМ, Дарко Димовски учествуваше на 24 Синдикална школа на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија и пред 200 синдикалци членови на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија пренесе дека Сојузот на синдикатите на Македонија цврсто стои заедно со здравствените работници и дека е потребна синдикална акција преку организирање на генерален штрајк во здравство за вршење на притисок кон властите да ги зголемат платите на здравстврните работници веднаш и доколку донесе Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија таква одлука, цел ССМ ќе застане позади него.

Работниците во здравството да се охрабрат и да застанат цврсто во намерата да го добијат заслуженото зголемување на нивните плати поради тоа што Министерството за здравство и Владата не го ценат и вреднуваат нивниот труд истакна претседателот Димовски.

Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија, Љубиша Каранфиловски истакна дека во наредните денови во зависност од информациите од министерот за здравство и Владата, на седница на Советот ќе се одлучи за организирање на генерален протест заедно со другиот синдикат и доколку нема резултат, како крајно средство, штрајк во цело здравство.

На денешната средба се покажа единството на синдикатите во здравствената дејност Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија и Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија – ССКЦ кои заеднички ќе ги преземат сите наредни чекори со цел достоинствено вреднување на трудот и зголемување на платите на здравствените работници.