Во името на Сојузот на синдикатите на Македонија, Претседателот на ССМ, Живко Митревски, им го честита Осми март – Меѓународниот ден на жената на сите мајки и жени во нашата држава, со желба и натаму безусловно да се залагаат за остварување на основните човекови права – правото секој, без исклучок, да живее од својот труд и да ја обезбедува и унапредува својата материјално-социјална положба, да работи во безбедни и здрави услови за работа.
„Жените во Македонија, во текот на историјата, ја почитуваа традицијата на одбележување на 8ми март како Меѓународен ден на жената прогласен во 1917 година. Здружени и организирани во синдикат покажаа дека имаат капацитет да се борат за: промовирање на рамноправноста, за еднаквиот третман на жените на пазарот на трудот, за подобрување на условите за работа, против дискриминацијата, да се ослободат од предрасудите, стереотипите, како и од наметнатата од минатото подредена положба на жената и во работната средина и во семејството, потоа да се почитува нивниот глас, да бидат вклучувани во процесот на преговарање и одлучување за своите работнички права, за работа и соодветна заработувачка, која ќе го сочува нивното човеково достоинство“, стои во честитката.
Сојузот на синдикатите на Македонија, како што истакнува, дава силна поддршка на основните принципи и концептот дека жените–работнички се рамноправни со мажите-работници во секој поглед и дека треба подеднакво да ги уживаат сите законски права, да бидат значаен фактор во напредокот на нашата држава како демократска и правна и сигурниот пат кон евроинтегрирање.
„Во прилог на тоа, во изминатиот период ССМ преку Економско-социјалниот совет покрена иницијатива за ратификување на Конвенцијата за заштита на мајчинството на Меѓународната организација на трудот, која беше имплементирана во Законот за работните односи, а се однесуваше на целосна заштита од дискриминација на работничките врз основа на бременост, раѓање и родителство, како и правото на неплатено родителско отсуство до 3 месеци во период до навршување на тригодишна возраст на детето, заради негова грижа. ССМ продолжува да ги заштитува и брани правата и интересите на жените-работнички, да се уредува нивната работно-правна положба согласно меѓународните стандарди, македонските закони, колективните договори, и учество на жените-работнички во демократскиот начин на донесување на одлуки“, стои подолу во честитката на ССМ.