Во врска со пријавите од голем број на работници дека одредени несовесни работодавачи, ја користат состојбата и планираат откажување на договорите за вработување на работници, од Сојзот на синдикати на Македонија апелираат до Владата да се донесат овие итни мерки:
– Мораториум на сите откажувања на договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини) во период од 60 дена (мерка преземeна од страна на Италија за заштита на работниците и спречување на злоупотреби од страна на несовесни работодавачи кои го користат овој тежок период за лични интереси)
– Исплата на платите без нивно намалување со одлагање на плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување, со тоа што во рок од 6 месеци по надминувањето на тешкотиите односно Вонредната состојба, истите да бидат уплатени во соодветните фондови.
– Одложување на плаќање на рати за кредити и репрограм за 6 месеци за сите работници, граѓани и компании од приватниот сектор.
Во овие исклучително тешки моменти, потребна е солидарност и заедништво па поради тоа потребно е вака предложените мерки итно да бидат донесени за никој да не остане без егзистенција и плата во време на вонредна состојба и здравствена криза.
Ваквата состојба ќе помине, но прашуваме дали работниците во наредниот период ќе им простат на оние работодавачи кои ќе ја злоупотребат ситуацијата за нивната себичност.
Апелираме да нема отпуштања од работа поради тоа што и вака сериозната состојба може да ескалира во незадоволстсво кое во иднина синдикатите нема да можат да го спречат.