ССНМ: Новинарите и медиумските работници со плата далеку под просечната

Вкупно 35 отсто од медиумските работници имаат од 15 до 20 илјади денари плата, што е далеку под просечната, додека 67 проценти не се задоволни од платата или хонорарот, покажува анкетата на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), спроведена на 150 испитаници, на кои им беа поставени прашања во врска со работничките права и состојби во новинарските редакции во земјава.

Според ССНМ, ниските примања, како и непочитувањето во целост на Законот на работни односи од страна на работодавачите се најчестите проблеми со кои со години се соочува медиумската фела.

Според Државниот завод за статистика за месец април 2020 година, просечната плата изнесувала 25.830 денари. Според ова, најголемиот дел од новинарите имаат месечни примања далеку под просечната плата во земјава. Според последниот извештај на „Репортери без граници“ од 180 земји, Македонија е рангирана на 93. место, што само по себе зборува за атмосферата во која работат медиумските работници.

– Најголемиот дел од новинарите и медиумските работници земаат од 15.000 до 20.000 денари плата. Вкупно 53 лица или 35,3 отсто одговорија дека нивните месечни примања се од 15 до 20 илјади денари, додека пак 46 лица или 30,6 отсто одговориле дека добиваат месечна плата помеѓу 20 и 25 илјади денари. Дваесет луѓе или 13,3 отсто одговорите дека нивната плата е во висина од 25 до 30 илјади денари, а 23 лица или 15,3 отсто земаат над 30 илјади денари плата. Само осуммина или околу пет отсто одговориле дека нивните примања се под 15 илјади денари во месецот – покажува анкетата на ССНМ.

Се укажува дека медиумскиот бизнис дополнително е на удар од корона-кризата, а тоа се одрази и на губењето на работно место и намалување на платите. Четворица останале без работа, а 45 одговориле дека познаваат колеги ја изгубиле работата . Во проценти, 33 отсто од анкетираните знаат дека некој во медиумскиот бизнис овој период останал без плата.

– Најмногу кратење имало кај новинарите со полно работно време вкупно 11 новинари. Четири слободни новинари се соочиле со кратење на приходите од 20 отсто (еден), 15 отсто (еден), 10 отсто (двајца). Некаде, е забележано делумно намалување на платите. На пример, на петмина новинари со полно работно време скратени им се 30 отсто од примањата овој период на криза . Половина од платата (50 отсто) добил еден новинар, двајца по 20 проценти намалување, двајца 10 отсо помалку и на еден новинар му била скратена платата за 15 отсто. Покуси за 20 отсто и 30 отсто од платата останале и двајца уредници. Еден фоторепортер добил плата скратена за 30 проценти, наведува ССНМ.

Од вкупно 150 испитаници во анкетата на ССНМ, 73 се машки пол, а 77 се жени, возрасната граница се движи од 23 до 62 години. Од испитаниците најголем дел одговориле дека работат во телевизија – 77, додека пак во електронски медиуми 54 . Од печатените медиуми биле 16 испитаници и само тројца кои работат во радио.

Во однос на која позиција работат, 84 лица одговориле дека се новинари со полно работно време, 19 дека работат како слободни новинари, сниматели се 14, монтажери и уредници по 10, на работно место во режија шест лица,  двајца фоторепортери и петмина дописници.