Земјите од Западен Балкан не треба да се остават сами во решавање на бегалската криза и затоа Германија одлучи на Србија и Македонија да им даде милион евра за помош на мигрантите. Ова го изјави германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, пренесе МИА.
Штајнамер во интервју за германското радио Дојче веле истакна дека земјите од Западен Балкан се наоѓаат на патот кон ЕУ и не можат истовремено да бидат држави од каде ќе доаѓаат луѓе и ќе бараат заштита во Германија.
Германскиот шеф на дипломатијата во интервјуто додава дека вчера во Виена ги потсетил претставниците на балканските земји дека тие ги прифатиле меѓународните хуманитарни норми во многу договори и поради тоа имаат обврски.
Притоа не треба да ги оставиме сами. Затоа пред неколку дена билатерално одлучивме на Грција да и помогнеме со околу 1,2 милиони евра за згрижување на бегалците. Исто така, е договорено на Македонија и Србија да им дадеме дополнителни еден милион евра за помош на мигрантите, истакна тој, изразувајќи надеж дека и други држави ќе постапат на истиот начин.
Штајнмаер нагласи дека намерата на ЕУ не е да го спречи пристигнувањето на воени бегалци од Грција во Македонија и Србија и интензивно разговара со Атина, која тврди дека Турција масовно ги „турка“ сириските бегалци кон Грција.
Попоски: ЕУ треба повеќе да се ангажира околу мигрантската криза
Македонија и Србија преку шефовите на нивните дипломатии побараа поголем ангажман од ЕУ во однос на проблмот со мигрантите.
Потребно е ЕУ да преземе конкретни мерки по прашањето на азилантите бидејќи издвоените по еден милион евра за помош на Македонија и на Србија не се доволни, истакнаа вчера министрите за надворешни работи на двете земји, Никола Попоски и Ивица Дачиќ, на заедничката прес-конференција на Конференцијата за Западен Балкан во Виена.
Ако нема европски одговор на ова прашање никој од нас нема илузии дека проблемот ќе биде решен. Охрабрува тоа што Европската комисија е свесна за проблемот, истакна Попоски.
Тој укажа дека Македонија е соочена со специфичен проблем што во неа влегуваат мигранти од земја-членка на ЕУ. Притоа тој нагласи дека во Македонија до скоро влегуваа по 4.000 бегалци дневно, како и дека прогнозите за наредниот период се дека дневно во земјата ќе пристигнуваат по 3.000 мигранти.
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ подвлече дека Европа е соочена со најголемата бегалска криза од Втората светска војна и дека станува збор за преселба на народите на чиј пат се наоѓа и низ Србија како земја на транзит. Тој потенцира дека само оваа година во Србија се поднесени 94.000 барања за добивање азил, иако подвлекува дека големиот број мигранти кои влегуваат во Србија од Бугарија, Македонија, а претходно од Грција, само ќе транзитираат низ земјата.
Со години зборувавте дека азилантите доаѓаат од Србија и Македонија во ЕУ. Ние можеме сега да кажеме дека нам ни доаѓаат мигранти од Европската унија. Ве прашуваме кога ќе воспоставите јасни контроли и како ќе ги спречите да доаѓаат. Тоа нема да го спречите со милион евра кои имате намера да ги дадете, подвлече Дачиќ.