Штајнамер: Маркс не треба ниту да се осудува, ниту да се глорификува

Германскиот претседател Франк Валтер Штајнамер ги повика во четвртокот во Берлин граѓаните на Германија по поводот од 200-годишнината од раѓањето на филозофот Карл Маркс трезвено да се соочат со ликот и делото на теоретичарот на левите идеи.

„Мислам дека ние Германците во 2018-та година Карл Маркс не би требало ниту да го величаме, ниту да го протеруваме од историјата“, изјави германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер во текот на расправата на темата „200 години на Карл Маркс – историја и актуелност“, одржана во претседателската резиденција дворецот Белви во Берлин.

Штајнамер, кој доаѓа од редовите на најстарата германска активна партија на социјалдемократите SPD, заклучи дека Карл Маркс, и покрај контрадикторностите претставува „голем германски мислител“.

„Ние сме во состојба да пофалиме некого, како што е Карл Маркс, бидејќи сме земја на којашто буквално во идентитетот ѝ е испишано спојувањето со контрадикциите на нашата историја: како на најтемните јазови, така и на ненасетените височини“, рече Штајнмаер.

Германскиот претседател укажа на тоа дека поделениот однос кон Карл Маркс особено се чувствува во источниот дел на земјата, на подрачјето на поранешната социјалистичка Германска Демократска Република.

„Сум сретнал многу источни Германци коишто кон Маркс имаат подвоен однос: од една страна се среќни што се ослободиле од него и од режимот на ДДР. А од друга страна, пак, се надеваат дека една друга страна на Маркс има уште многу нешта да каже. Да кажеме, нешто на темата од опасноста којашто демне од незауздениот капитализам и можностите за поправеден и похуман економски поредок“, рече Штајнмаер.

Германија со бројни манифестации одбележува 200 години од раѓањето на Карл Маркс. Централната свеченост во неговиот роден Трир, на западот од земјата, започнува во петокот кога се очекува и говорот на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Со сѐ уште свежите лузни од идеолошката блоковска Студена војна, луѓето од поранешната капиталистичка Западна Германија и поранешната комунистичка Источна Германија, за Карл Маркс размислуваат различно. Некои го ценат како визионер кој ги предвидел болестите на пазарната економија, а другите го презираат поради идеите коишто ги вдахновувале сталинистичките режими ширум Европа и светот.