СДСМ трет ден не се дистанцира од ставовите на учесникот на „Шарената револуција“ Никола Шиндре, искажани преку колумна која наиде на поддршка кај одреден број на учесници на „Шарената револуција“ и поддржувачи на СДСМ, во која се релативизира педофилијата и повикува на омекнување на законските санкции кон педофилите, изјави на денешната прес-конференција Невена Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.
Стаменковска рече дека јавноста е згрозена од основната цел и теза на натписот „Во одбрана на најмаргинализираните сексуални заедници – децата кои сакаат да имаат секс и децата кои сакаат да имаат секс со возрасни“, и посочи дека неосудувањето на ставовите за поддршка за педофилијата од страна СДСМ недвосмислено значи прифаќање на ваквите ставови.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ниту еден чекор кој ќе значи намалување на казните за педофилија. Ваквиот став мора да се осуди. Осуда и потврда за ставот околу казнивоста на педофилијата очекуваме и од останатите политички и општествени субјекти во Република Македонија“, рече Стаменковска.
Посочи дека СДСМ како политичка партија која ја води Владата, мора да се дистанцира од ваквите ставови на Шиндре и неговите поддржувачи од „Шарената револуција“и оти ВМРО-ДПМНЕ силно се спротивставува на обидите да се релативизира педофилијата и да се омекне законската санкција за овој вид тешко кривично дело.
„Педофилијата е опасност за општеството, го загрозува животот и безбедноста на децата, но и на сите нас. Истата има несогледливи последици за понатамошниот раст и развој на децата жртви на истата. Педофилите се зло кое државата е должна да го сузбие, за таа цел Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ состави регистар на педофили со што и овозможи на јавноста да се информира за лицата кои претставуваат опасност за нашите деца. Децата, семејството и семејните вредности мора да бидат заштитени од нападот на неморалот“, рече претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Стаменковска уште еднаш го повика министерот за култура Роберт Алаѓозоски јавно да ги осуди ваквите ставови и во иднина како функционер да учествува и да поддржува настани кои одат во прилог на поголема културна едукација и развој на граѓаните, а не настани на кои како говорници се јавуваат луѓе со искривени морални сфаќања.