Стаменковска: Власта во 2019 година со низа закони ги олесни критериумите за влез во администрацијата

Заменик-министерката за информатичко општество и администрација, Невенка Стаменковска во гостувањето за „Детектор“ рече дека бројот на новопримени партиски луѓе во администрацијата е уште поголем.

Според неа, власта во 2019 со низа Закони ги олеснила критериумите за вработување во администрацијата.

-Драстично се намалија критериумите за вработување во рамки на затворите и резултат на тоа е зголемениот број на вработени во рамки на затворите. Што значи, дека сите овие вработувања кои што се направија се токму за партиски војници на СДСМ да може да влезат во олеснети околности. Односно, лица кои што со претходниот закон не ги исполнуваа критериум за да влезат во администрацијата, рече Стаменковска.

Вели дека за само две и пол години формирани се нови 25 институции. Според неа, партиската книшка е клуч за влез во јавната администрација.

-Дополнителен доказ за тоа е дека во рамки на Агенцијата за администрација има Комисија за ревизија на постапките за селекција на административни службеници. Но, морам да констатирам, во трите години откако СДСМ е на власт оваа власт оваа Комисија не направила ниту една ревизија на ниту една постапка за вработување, рече Стаменковска.

Вели дека по доаѓањето на функцијата заменик-министер, отворила постапка „Пријави притисок“ и токму преку оваа алатка добила многу поплаки од вработени.

Стаменковска вели дека секоја институција оставена сама да го планира работниот процес во пандемијата со коронавирусот. Според неа, одредени институции покажаа способност да се справат со кризата од коронавирусот.

-Од друга страна, има институции кои што потклеткнаа и не ги извршија своите работни обврски онака како што треба.Вие сте сведоци дека минатата недела кога беше полицискиот час Комунална хигиена – Скопје не постапи соодветно и Скопје буквално беше целото во смет. За тоа е задолжен менаџментот на самата институција бидејќи вработените како такви не можат само да се организираат доколку менаџментот не покрене некакви чекори за нивна организација, рече Стаменковска.