Станува ли мистерија како хрватскиот ракометар почина во Скопје?

Хрватскиот ракометар Денис Тот вчера изутрината бил нападнат од две лица, дечко и девојка, во близината на дискотеката „Привилиџ“, објави „А1он“.
Тот (27) попладнево почина на Клиниката за реанимација, анестезија и интензивно лекување (КАРИЛ).

За причината за неговата смрт и во македонските и во хрватските медиуми излегоа повеќе непотврдени информации, меѓу кои и дека всушност младиот ракометар бил брутално претепан.

Првично, во во хрватски „Вечерњи лист“, беше објавено дека хрватскиот ракометар Денис Тот  бил крвнички претепан во Скопје и дека имал повеќе фрактури и други бројни повреди, кои најверојатно настанале откако бил претепан со тапи предмети, а бил и удиран со раце и со нозе по телото.

Но, од друга страна, Клиниката за реанимација, анестезија и интензивно лекување, каде што бил примен, посочија дека тој немал знаци на насилство на своето тело. Истото се тврди и во  официјалниот извештај на МВР,  кои засега не излегуваат со детали за случајот.

„СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот и за тоа соодветно ќе ја известиме јавноста“, порачаа од МВР.

Според извори на „А1он“, откако полицијата ги прегледала камерите на „Сејф Сити“, точно се утврдило што се случувало и отворен е предмет во полицијата. Ракометарот Денис Тот пред да почине бил нападнат од две лица. На снимките наводно се гледа дека две лица, дечко и девојка, кои најверојатно биле во дискотеката „Привилиџ“ влегле во такси возило. Ракометарот преку прозорецот им кажал нешто и двајцата излегле од возилото, му удриле неколку шлаканици, Тот паднал на земја, а девојката го удрила неколку пати со нога по главата. Младиот ракометар, според нашите извори, не пружал отпор, а дечкото и девојката го напуштиле местото на настанот. Брза помош викнала девојка која што го видела телото на Тот на асфалтот.

Кога бил донесен во Ургентниот центар, ракометарот немал срцева акција. Докторите еднаш успеале да го реанимираат, но било залудно. Неговото тело е дадено за обдукција, во Институтот за судска медицина за да се утврдат причините за смртта.

Неговото семејство денеска пристигнало во Скопје, а неговиот брат, Борис Тот, се огласи со емотивна порака.

„Прерано нè напушти, драг мој. Почивај во мир. Ништо повеќе нема да биде исто без тебе“ – напиша тој.

Тот во Македонија играше веќе трета сезона. Оваа му беше прва во Бутел, а претходно две помина во Охрид. Потекнува од Ѓаково, а во кариерата имаше настапувано и за Адемар Леон, во шпанската лига.