„Шанса за живот“ е новата кампања која ќе започне наскоро за собирање на средства за донирање на инкубатори во одделението за интензивна нега на Клиниката за детски болести.По примерот на сличната акција во Србија, каде што имаше голем одзив од компаниите за купување на инкубатори, компанијата ОКТА ќе се обиде да ја спроведе и тука.
Целта на кампањата е опремување на одделението за интензивна нега на Клиниката за детски болести со инкубатори и друга неопходна апаратура што е потребна за нормално функционирање.
Иако таму има постоечка опрема, сепак поради зголемување на обемноста на работа со 100 нови пациенти на годишно ниво, потребно е редовно сервисирање на истата но има потреба и за нови апарати. Конечно, и границата за третирање на предвреме родени бебиња од 28 се намалува на 25 гестациска недела. Затоа се има потреба од нова опрема, која ќе има помало штетно влијание во текот на медицинската нега.
„На годишно ниво се згрижуваат 600-700 бебиња на трите одделенија на неонатална интензивна нега, педијатрија и интензивно кардиохируршко одделение. Важно е да има адекватна опрема, односно да се купи нова и да се сервисира односно одржува веќе постоечката,“ изјави Радица Муратовска-Делимитова, лекар на одделението за интензивна нега на Клиниката за детски болести
Компанијата ОКТА ќе донира пари и дополнително ќе издвојува сума од секоја продажба на литро гориво на нејзините бензински пумпи.
„Нашите напори во последните неколку години беа насочени кон поддршка на активности за добросостојбата на децата. Во врска со ова и во комуникација со директорот на Клиниката воочивме вистинска потреба за отпочнување на една ваква кампања. Имајќи ја предвид моменталната состојба во ова одделение на Детската клиника, каде предвремено родени бебиња и деца со компилации секојдневно се борат за живот,започнавме соработка со клиникаѕа за собирање на средства. Дел од тоа ќе биде донација од ОКТА, а дел ќе биде од продажбата на гориво на бензинските пумпи на ОКТА,“ изјави главниот извршен директор на ОКТА, Виктор Папаконстантину.
Кампањата ќе трае до крајот на ноември оваа година и тогаш ќе биде соопштено колку пари ќе бидат донирани. Во текот на кампањата ќе бидат вклучени и познати личности кои ќе ја поддржат акцијата. Секој граѓанин исто така може да се вклучи со тоа што ќе купи алка на која пишува „шанса за живот“ на бензинските пумпи и истата ќе чини 100 денари.