Стартува зголемениот данок на приход

Од денеска добивките од игри на среќа државата ги даночи по 15 отсто, наместо досегашните 10 отто, а ова е една од промените што стартуваат со новата година и се однесуваат на доход од интелектуална сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капитални добивки, игри на среќа и осигурување.

На пример, при уплата во обложувалница, денеска на потенцијалната добивка на тикетите данокот се пресметува според новата даночна стапка. Граѓаните се со поделени мислења. Дел од нив не се задоволни со ваквата одлука на власта. Други, пак, сметаат дека игрите на среќа дури и не треба да постојат.

Државава од денеска применува прогресивен данок, после 11 години примена на рамниот данок. Владата смета дека прогресивното даночење ќе придонесе за поголема социјална еднаквост, бидејќи тие што имаат повеќе, ќе плаќаат поголем данок.

Граѓаните коишто имаат месечни примања до 90.000 денари ќе плаќаат 10 отсто данок, како и досега. Секој денар над тој износ ќе се даночи со 18 отсто. Очекувањата се дека прогресивното даночење ќе го почувствува само мал дел, околу 1 отсто од населението, а во буџетот ќе се соберат дополнителни 25 милиони евра.