СТАРТУВАШЕ КАМПАЊАТА: Гласачите пред избор „Правда за Македонија“, „Заедно напред“ и „Река за Републиката“

И официјално стартуваше трката за претседателската функција. Тројцата кандидати Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова и Блерим Река од денеска почнуваат со своите предизборни каравани низ државата. Секој од нив најавува интензивна кампања во обид да се стигне до секое ќоше од републиката со цел да се придобијата симпатиите и поддршката на гласачите.

Силјановска, која во битката за функцијата шеф на државата влегува со поддршка на ВМРО ДПМНЕ, предизборните активности ги стартува со средби со граѓаните и голем митинг во Охрид. Почетокот го означи со видео пораката на Фејсбук од пред родната куќа. За неа овој почеток треба да означи и почеток на ново европско време за Република Македонија.

Уверена е дека шансите за победа на изборите се големи за непартиска, натпартиска личност која ќе ги застапува сите граѓани.

„Кампањата ја замислувам како рамноправен натпревар на идеи, етички натпревар на програми, витешки натпревар на ставови. Јас ќе се држам до тоа, без намера да напаѓам личност, секогаш ќе дискутирам за реалните проблеми. Ќе ги критикувам сите, ќе им се обраќам на граѓаните, индивидуите, а не на партиите. Би сакала со мене и околу мене да бидат неутралните гласачи, оние кои можеби идеолошки припаѓаат на другите партии, но она што се случуваше овие години длабоко ги разочара“, вели Силјановска Давкова.

Главното мото на Силјановска во предизборната кампања е „Правда за Македонија! Татковината повикува!“.  Најави дека нејзината кампања ќе има две лица граѓанско и партиско. Објави и дека кампањата ќе ја користи за да направи нешто добро – во секој град што ќе го посети ќе донира мала бесплатна јавна библиотека.

Кандидатот на власта, Пендаровски ќе ја бара довербата на гласачите под слоганот „Заедно напред“. Очекува фер и коректна изборна трка. Две главни пораки ќе се обиде да им пренесе на граѓаните во обид да го добие нивниот глас – меѓуетничка кохезија и неопходноста од евроинтеграција.

Македонија како просперитетно, демократско и интегрирано општество и држава е мојата цел, за разлика од нас, за разлика од мене, од мојот концепт, сите вие го знаете концептот на нашиот главен политички опонент, станува збор за концепт кој води во изолација кој сака да ги поништи сите придобивки кои ги имаме во изминативе две години. Се борат за поништување на Преспанскиот Договор, за поништување на Рамковниот Договор, за блокирање на нашиот пат кон НАТО и ЕУ, бидејќи ако го не го прифаќате Преспанскиот Договор, не можете да напредувате кон интеграциите, тоа е секому јасно,

„Македонија како просперитетно, демократско и интегрирано општество и држава е мојата цел, за разлика од нас, за разлика од мене, од мојот концепт, сите вие го знаете концептот на нашиот главен политички опонент, станува збор за концепт кој води во изолација кој сака да ги поништи сите придобивки кои ги имаме во изминативе две години. Се борат за поништување на Преспанскиот Договор, за поништување на Рамковниот Договор, за блокирање на нашиот пат кон НАТО и ЕУ, бидејќи ако го не го прифаќате Преспанскиот Договор, не можете да напредувате кон интеграциите, тоа е секому јасно“, изјави Пендаровски денеска на отворањето на неговиот главен штаб во Скопје.

Река, кој зад себе ја има поддршката на Алијанса за Албанците и Движењето БЕСА, својот предизборен караван го почнува вечер со промотивна конвенција на плоштадот „Скендербег“ во Скопје. Под слоганот „Река за Републиката“ ќе ја бара довербата на граѓаните ветувајќи враќање на републиканизмот.

АНКЕТИТЕ НАЈАВУВААТ НЕИЗВЕСНА ТРКА

Истражувањата на јавното мислење направени во изминатите неколку недели покажуваат дека ниту еден од кандидатите со сигурност не може да се нарече фаворит во трката за фотелјата во Вила Водно.

Неофицијални информации од ВМРО ДПМНЕ говорат дека според анкетите направени по нарачка на партијата Силјановска Давкова има предност од 45 до 50 илјади гласови пред Пендаровски. Од владејачката СДСМ пак тврдат дека нивниот кандидат има предност од осум до 10 отсто во однос на неговата главна ривалка за функцијата.

Ова е еден од причините партии кои застанаа зад претседателските кандидати максимално да се вложат како на терен, така и во промоција на социјалните мрежи кои во изминативе неколку години станаа главен мегдан во политичките битки.